ДЗР констатира сериозни пропусти во финансиското и административното работење на Албанскиот театар

Од:

Државниот завод за ревизија изразил неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на Националната установа Албански театар – Скопје за 2024 година, додека за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики е дадено мислење со резерва.

Ревизијата на сметката на основниот буџет (603) утврдила повеќе слабости во финансиското работење и управувањето со средствата на установата. Меѓу констатираните состојби се слабости во процесот на попис на средствата и изворите на средства, невоспоставена материјална евиденција за материјалните средства, како и евидентирање на градежни објекти без обезбеден акт за сопственост.

Ревизорите утврдиле и дека дел од материјалните средства и понатаму се водат како средства во подготовка и покрај тоа што за нив е обезбедено одобрение за употреба. Дополнително, констатирани се недостатоци во постапките за набавка, прием и задолжување со материјали и ситен инвентар, како и слабости во евидентирањето на полното работно време.

Во извештајот е наведено и дека се намирувале обврски по проекти од претходни години без за нив да бидат предвидени средства во тековниот Годишен план за работа.

Во делот „Нагласување на прашања“, ревизијата укажува на нерегулиран начин на користење на недвижни и движни ствари, функционирање на Управниот одбор без законски утврдениот број членови, прашања поврзани со систематизацијата на работните места, користењето на паркинг-просторот наменет за публиката и тековни судски постапки.

Ревизорите посочуваат и на слабости во системот на внатрешни контроли, односно недонесени интерни процедури за значајни процеси, несистематизирано работно место за раководител на единицата за финансиски прашања и неназначени лица за вршење ex-ante и ex-post финансиска контрола.

Државниот завод за ревизија дал препораки за надминување на утврдените состојби и подобрување на работењето на установата.

Од НУ Албански театар, како што велат од ДЗР, доставен е Допис со кој се информира дека одговорнoто лице нема забелешки по однос на Нацрт извештајот на овластениот државен ревизор.

Би можело да ве интересира

Голем пропуст во ДИК: Ревизорите открија милионски пренасочувања

Ревизија во Министерството за односи меѓу заедниците: Недостигаат 30 лаптопи, исплаќана плата без присуство на работа

Ревизорите открија неправилности во работењето на Државниот архив

Горан Наумовски

Ревизорите алармираат: Владата плаќа скапи возила на лизинг без вистинска конкуренција

Обвинителството започна истрага по ревизорскиот извештај на ДЗР за Општина Охрид

ВМРО-ДПМНЕ: Милионските криминали во Државна лотарија се случувале под покровителство на СДС и ДУИ

Предраг Петровиќ