Рестрикциите ја забрзаа вакцинацијата

Од:

Новите рестриктивни мерки, кои почнуваат од 16 август, а кои предвидуваат во угостителски објекти да влегуваат само лица со примена барем една доза вакцина, ја забрзаа вакцинацијата. Министерството за здравство информира дека интересот за имунизација е значително зголемен и поради тоа од денеска се отвораат четири нови пунктови за вакцинација: во поликлиниките Бит Пазар, Драчево, Ченто и Ѓорче Петров.

Според информациите од Министерството, 32 отсто од полнолетното население на територијата на целата држава е веќе имунизирано со барем една доза на вакцина.

Завчера биле вакцинирани 17.679 граѓани, а прва доза примиле 8.030.

Заклучно со завчера, вакцина примиле вкупно 543 597 граѓани, ревакцинирани се 439 048, односно аплицирани се 982.645 дози.

Министерството информира дека според последните бројки, барем една доза вакцина досега примиле 66 проценти од населението над 70 години, 63 проценти над 65 години, 59 отсто од луѓето што се повозрасни од 60 години и 48 отсто од луѓето над 50 години.

Најголем опфат со прва вакцина има во Гевгелија 51 процент и Кавадарци 50.3 отсто, каде половина од населението е веќе вакцинирано. Потоа следи Охрид со 48.1 отсто, а од 40 до 48 отсто вакцинирани има во Неготино, Битола, Ресен, Берово, Пехчево, Штип и Валандово.

Помеѓу 30-40 отсто со вакцинација со барем една доза во градовите Демир Хисар, Велес, Свети Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Прилеп, Крушево, Скопје и Пробиштип. Помеѓу 20-30 проценти има во градовите Кичево, Виница, Куманово, Кратово, Дебар, Струга, Македонски Брод, Струмица, Тетово и Радовиш, а 19.9 отсто опфат во Гостивар.

Покрај зголемување на бројот на имунизирани, расте бројот и на новозаразени со коронавирусот. Во рок од месец дена, бројот на активни случаи од 130 се искачи на 2.581. Ако пред неколку дена во 13 градови немаше Ковид-19, сега само шест града се останати без ниту еден случај. По број на заразени сè уште водат Скопје со 832 и Тетово со 662 случаи.

Вчера беа регистрирани нови 518 случаи на Ковид-19 од направени 5.809 тестирања, четири лица починати и 31 оздравен пациент.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 158 681, на оздравени пациенти е 150 587, на починати е 5 513, а бројот на активни случаи изнесува 2 581.

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје има 832 активни случаи, во Тетово 662. По нив следи Гостивар, каде има 294 активни случаи. Гостивар е и градот со најмалку вакцинирани, само 20 проценти примиле прва доза на вакцина. По Гостивар, со најголем број заразени следи Куманово – 180, потоа Кичево со 115, Струмица – 72, Битола – 69, Дебар – 54, Струга – 56, Охрид – 51. Во другите градови има под 50 активни случаи, а во шест града, Неготино, Богданци, Крушево, Демир Хисар, Кратово и Дојран, нема ниту еден заразен со коронавирусот.

Поради зголемената потреба за хоспитализација на лица заболени од Ковид-19, од денеска со работа почнува модуларната болница во Куманово. Засега 16 пациенти се лекуваат на инфективното одделение во општата болница.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска