Денеска со прогласувањето на Мајка Тереза за светица испратена е пораката до сите луѓе на светот, без разлика на нивната национална, етничка и верска припадност дека сите ние со своите дела треба да оставаме белег на нашиот животен век – белег на мирољубивост, милосрдие, солидарност и љубов, се наведува во обраќањето на министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски.
„Овие универзални вредности коишто беа одлика на животот и делата на Мајка Тереза ги избришаа границите на нејзината национална и религиска припадност! Денеска е денот кога сите ние заедно треба да се обврземе дека споменот и делата на Светата Мајка Тереза ќе бидат наша водилка во грижа за најблиските, за децата, за оние коишто бегаат од злото на војната, за телесно посебните, за болните и напуштените, за гладните…, за сите коишто ја љубат, слават и живеат милоста кон човекот, добрината и праведноста.
Да ја разбудиме Мајка Тереза во нас и да го менуваме светот во подобро место за живеење на сите во љубов, слога и милост кон човекот!
Како граѓани на Македонија ова ѝ го должиме на нашата Мајка Тереза, си го должиме себеси и го должиме на Република Македонија!
Била и ќе остане запаметена како Мајка на сите деца во светот, а од денеска Мајка Тереза е светица на сите светски религии и пример, како милосрдието, хуманоста и посветеноста на човекот кон добрите дела може да ги обедини сите религии, држави и граѓани на светот!“, се наведува во нејзиното обраќање.