Обвинетата Фросина Ременски во случајот „Меѓународен сојуз“ бара снимките од видео надзорот во времето кога се вршел претрес во нејзиниот дом да се изведат како доказ пред судот и јавноста. Според неа, претресот е направен на незаконски начин, додека таа не била присутна, а домот бил отворен. Таа снимка, според Ременски, ќе ја врати на почеток целата постапка бидејќи земањето на предмети од нејзиниот дом не е направено според процедурите. Таа најави и кривични пријави за лица од МВР и Обвинителството поради злоупотреби.
„Обвинение не може да опстои со незаконско постапување. Ние предлагаме доказ снимка која ќе ја врати на почеток целата постапка. Не се обидуваме да рушиме никаков доказ изведен од незаконски претрес. Ние го бараме клучниот доказ за ова што го кажувам, тоа е снимката во пет минути од видео надзорот да биде изведена за да се утврди дека Одделот за организиран криминал и началникот Лазе Велковски, кој сега е истражител кај јавната обвинителка Вилма Русковска, дал лажни информации во судот во однос на тоа како е извршен претресот“, рече Ременски.
Таа најави дека ќе бара кривична одговорност за сите инволвирани во случајот.
„Сега влегуваме во една апсурден судски процес во кој што, јас во една реченица треба да го докажувам мојот углед и авторитет и јавна поддршка на некаков проект што е класичен облигациски однос. Обидот за прикривање на оваа страшна злоупотреба на државниот апарат за да се претстави во јавност некаква атрактивност и политичка вмешаност на политичар во предметот е направена толку тенденциозно, што јас ве уверувам дека во фаза на постапката ќе има кривична одговорност за сите инволвирани во случајот“, додаде Ременски.