Ректорот на Истанбулскиот универзитет стана почесен доктор на науки на УКИМ

Од:

Ректорот на Универзитот во Истанбул проф. д-р Јунус Сојлет денеска ја прими титулата почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, која му е доделена со одлука на Сенатот на УКИМ.

Сојлет (Истанбул, 1956) е детски хирург-уролог и професор на Медицинскиот факултет „Черахпаша“, а во 2009 година е избран за ректор на Истанбулскиот универзитет. Од оваа година тој е и член на Турската академија на науките. Во својата професионална кариера работел во неколку европски земји, бил визитинг-професор и покануван за хируршки интервенции и предавања во повеќе центри. Автор е на 160 научни публикации, 90 меѓународни, а негови трудови се објавувани во светски научни списанија.

– Научниот опус и биографијата на проф. Сојлет ќе импресионира секого. Но, кога говорам за проф. д-р Јунус Сојлет, не говорам само за проф. Сојлет, врвен доктор, научник и ректор на Универзитетот во Истанбул, туку и за проф. Сојлет искрен пријател на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и голем пријател на Република Македонија, истакна ректорот на Скопскиот универзитет Велимир Стојковски во промоторската реч за доделувањето на тутулата.

Сојлет се заблагодари за признанието зашто, како што рече, неговите колеги и пријатели знаеле колку многу му значи Македонија. – Моите корени се од тука и секоја прилика ја користам да ја посетам оваа прекрасна земја и да ја искажам мојата почит за нашето заедничко  историско и културно наследство, рече Сојлет.

Ректорот на Универзитетот во Истанбул, кој располага со најброен и најкомпетентен кадар во Турција, во своето обраќање посочи на пријателството меѓу двете држави, нагласувајќи дека неговата земја  е меѓу првите што ја призна независноста на Македонија. Зборуваше и за културните врски и за турската помош за реставрација на голем број културно-историски знаменитости од османлискиот период, а посебно внимание, рече,  посветува на врските во образованието. Околу 700 студенти од Турција стекнуваат високо образование на македонските универзитети, а на Универзитетот во Истанбул студираат 70 студенти од Македонија.

– Како универзитети, ние сме претставници на свет без граници. Во денешниот свет нема граници, ниту во поглед на науката, ниту во поглед на технологијата. Како луѓе кои раководат со универзитетите, мора да запомниме дека резултатите од нашите одлуки не им припаѓаат на институции кои се натпреваруваат локално, туку на сите оние што се натпреваруваат на глобално ниво. Промовирајќи ја науката во нашите земји, знаеме дека единствена граница е доброто на човештвото, истакна Сојлет, почесен доктор на науки на Скопскиот универзитет.

Фото: МИА

Би можело да ве интересира

Бостонската полиција уапси 100 студенти на протестите против војната во Газа

Студентски бунт во Америка, 100 академици уапсени во Колумбија

Студентското собрание го презентираше Студентскиот манифест – неопходно е општествените чинители да се запознаат со итноста од преземање на мерки

Имате стипендии на сметките, не дозволувајте манипулации им порача на студентите министерот Шаќири

Студентите си ги бараат неисплатените стипендии, ќе протестираат пред Министерството за образование

Ректоратот бара, МОН ветува дека нема да се зголеми партиципацијата за студентите

Орце Костов