Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи денеска ја промовираше превентивната кампања за „Интегриран пристап за превенција на трудова експлоатација во земјите на потекло и дестинација“ под мотото „Да работиш е право, трудовата експлоатација е криминал“.
Националниот кординатор на проектот Санде Китанов вели дека ова е дел од регионалниот проект на партнерските организација на Унгарија, Романија, Бугарија, Грција, Кипар и Македонија .
– Целта на кампањата е да се зголеми свесноста за опасностите и знаењето на трудовата експлоатација во земјите на дестинација на ризичната категорија на граѓани од 18 до 40 години, рече Китанов.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, посочи дека трговијата со луѓе и сериозен и сложен, не само како национален туку и меѓународен проблем во глобалени рамки и е трет по големина криминален бизнис веднаш по трговијата со дрога и оружје.
– Според сите досегашни истражувања, станува збор за брзо растечка форма на организиран криминал на глобално ниво која првенствено е повразана со сиромашните и недоволно развиените земји. Државите од Југоисточна Европа кои долги години минуваат низ политичка и економска транзиција се посебно засегнати со трговија на луѓе и трудова експлоатација, пред се од позицијата на земји на потекло на жртви на трговијата а развиените земји се прванствено земји на дестинација, рече Јанкуловска.
Меѓународната организација за миграции, како што кажа таа, проценува дека годишно преку границите транзитираат околу 2 милиони жртви на трговија со луѓе. Според УНИЦЕФ бројот на деца кои се жртви на трговија со луѓе се движи околу 1,2 милони годишно, а според податоци на Обединетите нации, 700 илјади жени деца и мажи секоја година стануваат жртви на трговија. Најновиот извештај на Меѓународната организација на трудот во поглед на присилниот труд иницира дека како жртви на трговија се проценуваат 2.5 милиони луѓе од кои најмногу една третина се предмет на продажба за економска експлоатација.
Кампањата почнува денеска во сите земји членки на проектот и ќе трае до 30 јуни. Преку спотови, прирачници и постери граѓаните ќе се информираат за опасностите од трговијата со луѓе, а промотивнит материјали ќе бидат доставени до сите гранични премини во Македонија.