Непостоење јасен критериум за регионални проекти, распределба на средства преку линиските министерства наспроти распределба на средства преку Програмата за рамномерен регионален развој, распределба на средства на општини и проекти без јавен повик во нетранспарентна постапка, отсуство на систем за оценка и одржливост на проектите има влијание на ефектите од јавните инвестиции во регионалниот развој, информираат од Државниот завод за ревизија по извршената ревизија на успешност на тема „Ефекти од јавни инвестиции во рамномерен регионален развој“.
Ревизијата, како што велат од ДЗР, била извршена со цел да утврди дали јавните инвестиции се ефикасно и ефективно планирани и спроведени, и дали придонесуваат за долгорочно одржлив регионален развој.
Со ревизијата бил опфатен периодот од 2021 до 2023 година, при што биле анализирани јавните инвестиции за рамномерен регионален развој за кои од Буџетот се алоцирани или одобрени средства за финансирање на проекти на општините и планските регионите, вклучувајќи податоци и активности спроведени до денот на изготвување на извештајот.
-Со спроведената ревизија и применетата ревизорска методологија и врз основа на прибрани ревизорски докази, стекнато е разумно уверување дека преземените мерки и активности за распределба на средства за рамномерен регионален развој во износ од најмалку од 1% од БДП од Буџетот на годишно ниво не се постигнати, изборот на проекти не е ефективен со цел финансирање на проекти за јавни инвестиции за потребите на граѓаните со ефект врз регионалниот развој, а исто така не е воспоставен и ефикасен мониторинг и отсуствува систем за оценка на одржливост на проектите пред да се одобрат и после завршување, се наведува во извештајот.
Според ревизорите Системот СиРеРа (Систем за координација во планирањето, спроведувањето, мониторингот и евалуацијата на политиката за рамномерен регионален развој) не е интегриран со трезорскиот систем што доведува до неусогласеност на информациите за алоцирани средства за рамномерен регионален развој.
-За 2023 година според податоците добиени од Министерство за финансии распределените средства за регионален развој изнесуваат 2,91% од БДП, додека според СиРеРа системот изнесуваат 0,74% од БДП. Од овие средства само 5% до 10% се алоцирани преку Програмата за рамномерен регионален развој, а остатокот се распределени преку програми на други министерства за кои поради отсуство на подзаконски акт предвиден во законот не може да се утврди ефектот врз регионалниот развој, се посочува во извештајот.
Ревизорите утврдиле дека како средства наменети за рамномерен регионален развој, не се земени предвид јавните инвестиции на Јавното претпријатие за државни патишта за изградба на регионални патишта, експресни и автопати со регионално значење. – Овие капитални проекти директно се поврзани со приоритетот 1.3 од Стратегијата за рамномерен регионален развој и претставуваат значаен финансиски ангажман. Во 2023 година, овие инвестиции изнесувале 23.901.217 илјади денари, односно околу 388 милиони евра, стои во извештајот.
Со извршената ревизија констатирано е дека нема систем за мерење и признавање на регионални проекти усогласен со добрата пракса на ЕУ и нема јасни критериуми за одредување на тоа дали една инвестиција спаѓа во категорија проекти со регионално влијание или проекти за локален развој.
Предмет на ревизија биле 76 инвестициони проекти финансирани преку Програмата за рамномерен регионален развој, Програмата за намалување на регионалните диспаритети, како и преку Министерството за транспорт и врски и Министерството за животна средина и просторно планирање, во вкупна вредност од 33,2 милиони евра. Дополнително, биле опфатени и проекти за регионално управување со отпад во сите осум плански региони, финансирани со заеми, грантови и буџетски средства во вкупен износ од 144 милиони евра.
Преку Буџетот во период 2021-2023, како што е наведено во извештајот, извршен е трансфер на средства до општините за финансирање на проекти без да се спроведе транспарентна и партиципативна стапка за избор на општини за доделување на средства и избор на проекти. – Во 2023 година, 72% од капиталните дотации се доделени директно на 41 општина за 67 проекти, без јавен повик со одлуки на Владата по усвоени амандмани во Собранието. За изборот нема спроведена постапка за селекција на општини и проекти, а не е воспоставен ниту ефикасен мониторинг над нивната реализација, се истакнува во извештајот.
Од анализираните проекти на кои директно се доделени средства ревизорите утврдиле дека иако се доделени и префрлени значителни средства од Буџетот на државата за проекти на општините, дел од нив се сè уште во почетна фаза или не се започнати.
– На Град Скопје, во периодот 2021–2023, му се доделени 720 .000 илјади денари преку Министерството за транспорт за инфраструктурни проекти, но средствата сè уште се на наменски сметки, а реализацијата не е започната. За проектот „Изградба на клучка на вкрстување помеѓу Булевар Никола Карев и булевар Словенија – втора фаза“, доделени се средства во износ од 120.000 илјади денари во 2021 година, договорот за јавна набавка е склучен после две години и четири месеци, и за проектите „Целосна изградба на Јужен коридор како булеварско решение“ и Проектот „Целосна изградба на булевар АСНОМ и Изградба на булевар Хасан Приштина“ доделени се средства во износ од 600.000 илјади денари, но не се склучени договори за јавна набавка за реализација на проектите, посочуваат ревизорите.
Во извештајот се наведува дека во период 2020-2023 на Општина Струмица преку Министерство за транспорт за изградба на социјална населба (прва и втора фаза), ѝ се доделени 191.000 илјади денари. Реализирана е само првата фаза, додека средствата за втората (65.000 илјади денари) се префрлени од наменска на сметка на основниот буџет на општината.
– На Општина Чучер Сандево ѝ се доделени средства во вкупен износ од 84.895 илјади денари од Буџетот за изградба на пречистителна станица во населено место Кучевишка Бара. Во декември 2023 се префрлени 60.000 илјади денари, а 24.895 илјади денари се одобрени во октомври 2024 година преку програмата „АА“ за инфраструктурни проекти за општините. И покрај тоа што општината обезбедила одобрение за градење и соодветно земјиште, реализацијата на проектот сè уште не е започната. Причините се недостаток на физибилити студија за економска и финансиска исплатливост и очекуваните ефекти од проектот, како и фактот што основниот проект, со проценета вредност од 223.472 илјади денари, е изработен по спроведена набавка со симболична цена од само 0,01 денар, во исклучително краток рок од 14 дена, со предмер-пресметки кои не соодветствуваат на пазарните цени, се наведува во извештајот.
Од ДЗР посочуваат дека во 2023 година на Општина Прилеп преку МЖСПП за проект за доизградба на фабрика за рециклирање на отпад доделени се средства во износ од 65.000 илјади денари. Проектот, како што велат, е започнат да се гради во 2013 година, а по спроведена постапка за јавна набавка во 2024 година склучени се договори за доизградба.
За проектите кои се реализираат преку Програмата за рамномерен регионален развој ревизорите утврдиле дека се врши исплата на средства за проекти кои немаат реализација на крајот на годината со цел алокација на сите планирани средства.
-Центрите за развој на планските региони имаат административен капацитет за управување со проекти, но нивните проекти главно имаат локален, а не регионален карактер, што ја намалува нивната ефективност во постигнување на целите за рамномерен регионален развој, истакнуваат од ДЗР.
Ревизорите утврдиле дека системски не се следат ефектите од вложените пари во јавните инвестиции, не е дизајниран систем за следење на ефектите и одржливоста на јавните инвестиции, не се врши проценка на индикаторите и резултатите од проектите за да се оцени оправданоста на потрошените средства, како и да се утврди дали проектите ги постигнале поставените цели преку конкретни и мерливи индикатори за успешност.
-За регионално управување со отпад планирано е формирање на пет регионални претпријатија за управување со отпад, кои ќе вклучуваат главни депонии и претоварни станици организирани на следниов начин: Скопски регион: депонија Дрисла, Полошки регион: депонија Русино, Гостивар, Источен и Североисточен регион: депонија Мечкуевци, Свети Николе, Пелагониски и Југозападен регион: депонија Новаци, Битола и Вардарски и Југоисточен регион: депонија Доброшинци, Василево, се наведува во извештајот.
Со ревизијата извршено е анализа на двата проекти за интегрирано управување со отпад, финансирани со средства од ЕУ, меѓународни финансиски институции и донатори, кои опфаќаат седум региони.
Скопскиот плански регион, според ревизорите, иако најмал по површина, а најголем по број на жители, и има изработена Физибилити студија и cost benefit анализа (FSCBA) 1, сепак не е вклучен во проектите за регионален систем за управување со отпад, иако постои можност за остварување на најголеми ефекти.
-Владата го прифати зголемувањето на националното кофинансирање за покривање надополнителните трошоци, имајќи ја предвид важноста на проектот за унапредување на управувањето со отпад и исполнување на обврските од Директивите за отпад. Со дополнителна анализа утврдивме дека поради откажување на дел од доделените ИПА средства во 2022 и 2023 година и зголемување на цената на проектот, изградбата на регионална депонија и трансфер станици ќе се финансира во износ од 65% национални и 35% ЕУ средства, што значително отстапува од првично предвидената конструкција од 85% ЕУ и 15% национално учество, се наведува во извештајот.
Според ревизорите, доколку не се обезбеди навремено завршување на третата фаза до 2026 година, постои ризик од целосно губење на доделените средствата од ЕУ.
-Проектот за регионално управување со отпад, кој опфаќа пет плански региони и 45 општини, е проценет на 95,7 милиони евра. Иако во рамки на ИПА I (2007–2013) беа изработени физибилити студии во вредност од 3,6 милиони евра, нивните резултати не беа применети при дизајнирање на проектот поради промена на технички решенија со спојување на два плански региони, се наведува во извештајот.
Според ревизорите, не е спроведена нова анализа за исплатливоста на проектот за управување со отпад согласно изменетите решенија, за разлика од слични проекти кои се финансирани со ИПА средства, кај кои се измерени конкретни ефекти како 29 отсто намалување на загадувањето и 59 отсто намалување на стакленички гасови. Кај овој проект, како што стои во извештајот, недостасува објективна евалуација на очекуваните резултати, што претставува ризик за објективноста на проценките за проектот. Дополнително, не биле доставени докази за одобрување на проектот од страна на општинските совети.
Во извештајот се наведува дека недостатокот на конзистентност во политиката за регионално управување со отпад, промените во техничките решенија и недоволната координација со општините претставуваат значителен ризик за успешно воспоставување на модерен и одржлив систем за управување со отпад.
За надминување на утврдените состојби, ревизорите дале препораки со цел надлежните институции да преземат мерки и активности за обезбедување на ефикасно управување со јавните инвестиции, обезбедување на рамномерен регионален развој и создавање на услови занепречено регионално управување со отпадот како основен предуслов на заштита на животната средина.