Министерката за информатичко општество и администрација Марта Томовска Арсовска негира дека испратила допис до вработените со кои забранува да му се доставуваат податоци на заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Кирацовски, како што ја обвини тој на денешната прес-конференција.
– На 8 февруари 2016 година доставив известување до сите вработени, кое е доставено и до дополнителниот заменик на министер со кое ги известив вработените да запрат со издавање на какви било документи кои содржат лични податоци, во кое, со цел да се почитуваат одредбите од Законот за Владата на Република Македонија, им укажав на вработените по претходна достава мене, лично да му овозможат пристап до сите документи кои може да ги разгледува, но не и да ги умножува, при што вработените имаат единствено насока да направат службена белешка во која ќе наведат кои документи се умножени, се вели во писмената реакција на Томовска Арсовска.
Вели дека ова известување следувало по една од прес-конференциите на Кирацовски одржана на 7 февруари годинава, како што посочи, во недела, надвор од просториите на министерството, во присуство на лица кои не се вработени во министерството, а без присуство на лицата кои се задолжени со предметите, презентирани се службени документи, кои содржат лични податоци за вработени во други институции, а потоа се дистрибуирани до медиумите.
– Со оглед на фактот што заштитата на личните податоци е загарантирана со член 18 од Уставот на Република Македонија и со Законот за заштита на личните податоци, со цел да не бидат сторени повреди на законските одредби од Министерството за чија што работа одговарам јас како раководно лице на институцијата, морав да преземам мерки кои би предизвикале било какви несакани последици, се вели во реакцијата на Томовска Арсовска.
Во врска со умножувањето на документи од архивата на министерството, додава таа, со Законот за архивски материјал се уредува постапувањето со документарниот и архивскиот материјал, при што во член 19 алинеи 1 и 2 од тој закон покрај другото е пропишано дека имателот на архивски и документарен материјал (во конкретниот случај Министерството за информатичко општество и администрација) е должен да го заштитува, чува и одржува архивскиот и документарниот материјал во изворна и безбедна состојба да не се оштети, исчезне или уништи, како и да го користи архивскиот и документарниот материјал согласно со закон и други прописи или општи акти.
– Имајќи ги предвид наведените законски одредби, без разлика на бројот на прес конференции кои дополнителниот заменик на министер ќе ги држи, јас како министер нема да дозволам институцијата со која раководам да работи спротивно на одредбите од законските прописи во Република Македонија, ниту пак ќе дозволам заради евтин политички маркетинг и за демонстрација на лажна загриженост да бидат злоупотребувани податоците и да биде нарушен личниот интегритет на било кој вработен во јавниот сектор, а верувам дека ќе се согласите дека не е согласно ниту еден закон, документарниот или архивскиот материјал да се користи за партиски прес конференции, се истакнува во реакцијата на министерката Томовска Арсовска на прес-конференцијата на Кирацовски.