Како по обичај, секогаш кога СДСМ-Охрид има потреба од дополнителен публицитет за до објаснување на точките на дневен ред, кои останале недоречени и контрадикторни на седница на Совет, своите ставови си ги бранат во „екстра време” , на прес конференција која најчесто се случува два до три дена по седницата. Претпоставуваме дека толку време им е потребно за да состават текст за таканаречена прес конференција на правдање.
И наместо на тој прес да видиме нивни ставови и образложенија за јавноста со кои ќе го оправдаат своето спротивставување на програмата за времени објекти, од нив, повторно игнорирање на потребата охридската јавност да биде информирана за таквиот нивен контрадикторен и сомнителен курс.
Од тука, можеме да заклучиме дека нивната идеологија и концепт за уривање на општиот и јавен интерес на градот Охрид, а во корист на полнење на приватни џепови, не се променил не само по 8 годишното владеење, туку и како три години опозиција. Сепак, се работело за една идентична политичка матрица и начин на размислување, без разлика каков и да е составот на советниците од СДСМ Охрид.
Програмата за времени објекти е прв ваков документ изработен воопшто од некоја општина во Република Македонија на чија изработка се работеше цели 2 години, а целта е регулирање на беззаконието и анархијата во користењето на времените објекти, поставени на земјиште сопственост на Република Македонија односно Општина Охрид. За жал, личниот интерес на некои советници надвладеа над потребата за почитување на законитоста и регулативите.
Ќе го издвоиме посебно интересниот дел од нивниот прес, на кој изнесувањето на ставовите и аргументите на градоначалникот со кои се изразува потребата од ставање ред и законитост во овој дел, се квалификуваат како “Бакрачески се нафрли врз дел од советниците и службите“. Знаеме од поодамна дека советниците на СДСМ Охрид би биле најсреќни Бакрачески да не учествува во работата на седниците, за да би можеле полесно да ги пласираат своите анти тези иницирани исклучиво од личен интерес, а на штета на градот. Но, ќе ги разочараме со фактот дека секогаш кога се во прашање интересите на градот и заштитата на законитоста и Бакрачески и целата локална самоуправа, бескомпромисно ќе го држат истиот курс, без разлика каква смешна формулација СДСМ Охрид ќе употреби. Благодарение на камерите, стенограмите и меморијата на присутните во салата, граѓаните добро знаат, кој се заканува, кој навредува и кој “се нафрлува во советот“.
После ваквата востановена практика на СДСМ Охрид, длабоко размислуваме, дали да предложиме измени во статутот на советот на Општина Охрид, со кои би овозможиле после секоја регуларна седница на совет да следи уште најмалку една седница со присуство исклучиво на советниците на опозицијата, со обврзно присуство на камери и медиуми, на која тие ќе можат сами во отсуство на мнозинството во советот, да ги дополнуваат своите недоречени ставови и образложенија од регуларната седница. На тој начин ќе се задоволи нивната потреба за дополнителен политички маркетинг од една страна, а од друга страна ќе се отвори можност нивните ставови да надвладеат во јавноста, велат од општина Охрид.