Реакција на Министерството за здравство на изјавата на Шахпаска

Од:

Министерството за здравство реагираше на изјавата на Јагода Шахпаска.

Реакцијата ви ја пренесуваме во целост.

„Во врска со обраќањето на Јагода Шахпаска како член на СДСМ, Министерството за здравство ја информира јавноста дека најголем дел од мерките и реформите кои СДСМ ги предлага во пресрет на претстојните избори, се веќе имплементирани од страна на Владата на Република Македонија. Впрочем, тоа е веќе проверена тактика на една безидејна партија, во недостиг од сопствени идеи и визија, во својата изборна програма да наведуваат проекти кои се веќе реализирани.

Прво, во однос на болничката партиципација, согласно Законот за здравствено осигурување, од партиципација за здравствени услуги се ослободени клучните категории осигуреници: деца со посебни потреби, корисници на постојана парична помош, лица сместени во установи за социјална заштита или друго семејство, душевно болни лица сместени во психијатриска болница и ментално ретардирани лица без родителска грижа. Дополнително, при користење болничко лекување, од партиципација за истото се ослободени пензионери со пензија пониска од просечната. Сите прегледи и лабораториски анализи во текот на бременоста се бесплатни за сите бремени жени, без оглед дали се здравствено осигурени или не. Некој мислел на овие лица и пред тоа да го смисли СДСМ.

Второ, во однос на Законот за абортус, истакнуваме дека со постојниот закон жената самостојно одлучува и тоа останува да биде слободна волја на секоја жена, и тоа може да се направи повеќе пати во текот на една година согласно законски утврдената постапка. Токму постојното законско решение ја унапредува грижата за женското здравје.

Третиот предлог за субвенционирање гинеколози и стимулирање на специјализации е токму актуелна мерка која ја спроведува Министерството за здравство, така што не зачудува фактот што членовите на СДСМ воопшто не се запознаени со оваа мерка. Добро би било нивните членови кои јавно говорат за “нови“ реформи во здравството, претходно да прочитаат за мерките кои веќе ги спроведуваме.

Станува збор за законска мерка за кофинансирање на приватна специјализација за здравствени работници кои не се вработени во јавна здравствена установа, како и програма за кoфинансирање на специјализација по педијатрија и гинекологија и акушерство. Целта е дел од надоместокот да го покрива државата, а дел самите специјализанти, и по завршување на специјализацијата докторите да се вработат (без објавување оглас) во јавната здравствена установа за која се пријавиле за специјализација. За ова Министерството за здравство веќе објави јавен оглас на кој се пријавија голем број заинтересирани кандидати и во тек е селекција на кандидатите. Докторите кои навреме ќе ја завршат специјализацијата, односно супспецијализацијата по педијатрија или гинекологија, склучуваат договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија за избран лекар педијатар, односно гинеколог, и за нив капитацијата ќе се пресметува стимулативно во вредност од илјада поени на месечно ниво, во времетраење од 36 месеци. Тоа е околу стимулацијата на докторите, како “револуционерна“ идеја на членовите на СДСМ.

Четврто, скрининг програмите за карцином на дојка, матка и дебело црево, се континуирани активности кои Министерството за здравство ги спроведува повеќе години наназад. Бројот на направените ПАП тестови, односно бројот на прегледаните жени при организираниот скрининг на рак на грло на матка во Република Македонија секоја година се зголемува. Во 2012 година се прегледани и направени 17.595 ПАП тестови, 2013 година – 20.612, 2014 година – 26.270, додека во 2015 година направени се 29.887 ПАП тестови. Колоректалниот скрининг е почнат кон крај на 2012 година и досега со вакви прегледи се опфатени над 22.000 лица. Мамографскиот скрининг веќе една година успешно функционира и извршени се околу 10.000 скрининзи.

Во врска со “грижата“ на СДСМ за лицата со малигни заболувања, добро е да се потсетиме дека до 2006 година пациентите беа оставени без акцелератор за зрачна терапија. Болните од рак беа приморани да патуваат во Грција за зрачна терапија, каде за само еден третман плаќале над 1000 евра. Денес, нема листа на чекање за добивање зрачна терапија, туку пациентите со малигни заболувања ја добиваат за најмногу три дена.

Во однос на наводите за инсулинската терапија, во Република Македонија е обезбедена најсовремена инсулинска терапија што е целосно бесплатна за сите граѓани со дијабетес во Република Македонија, што е реткост и за поразвиените здравствени системи во Европа и светот. Со новата јавна набавка повторно се овозможува големиот број бесплатни ленти за мерење гликемија, нови инсулински пумпи за децата со дијабетес, како и воведување 3 нови класи антидијабетични лекови, кои се достапни за пациентите само во најразвиените здравствени системи. Само во текот на 2015 година отворени се 4 нови кабинети за дијабетес со што бројот на кабинети достигна 41, а вкупниот број инсулински аптеки во земјава исто така изнесува 41, со последната новоотворена аптека во Драчево. Вклучени се дваесетина нови специјалисти во грижата за дијабетесот, со што бројот на специјалисти е зголемен за 20% во изминатава година.

Во врска со наводите за имунизација, потенцираме дека вакцините се квалитетни и безбедни и се увезуваат исклучиво од реномирани производители кои се на листата на Светската здравствена организација. За каков систем на имунизација говори СДСМ, кога долги години наназад ги ветуваа поливалентните вакцини и не го реализираа тоа ветување пред граѓаните? Оваа Влада ги воведе долговетуваните поливалентни вакцини, односно петто и шестовалентни вакцини.

Јасна и провидна е тактиката на СДСМ да предлагаат во својата изборна програма проекти кои се веќе реализирани, залудно обидувајќи се да ги залажат граѓаните. Како и досега, граѓаните ќе препознаат кој ги реализира дадените ветувања, а кој само напразно зборува.
СДСМ нема кредибилитет да зборува за здравство, затоа што ништо немаат направено во здравството. Ако сметаат дека нешто направиле ги замолуваме да објават што се е направено од страна на СДСМ во здравството во периодот 2002-2006. Да наведат точно која опрема е набавена и во кој износ.
Да наведат точно во тој период колку болници реконструирале и изградиле.
Да наведат колку здравствени работници се вработени, по години.
Да наведат колку специјализации одобриле во тој период и посебно за секоја година од 2002 до 2006 година.
Да дадат преглед за колку пациенти одобриле лекување во странство, а колку одбиле.
Да наведат колку специјалисти годишно го напуштаа јавното здравство по години и колку се вратија од приватно во јавно – за секоја година посебно од 2002 до 2006 година.

Кога ќе го направат прегледот, треба да бидат чесни и да го објават.
Сигурни сме во моментот кога ќе го објават ќе се скријат, ќе се засрамат и никогаш повеќе нема да се дрзнат да зборуваат за здравство оние кои го срозаа здравството и оставија хаос, скапи лекови, стара опрема, стари лади за брза помош, предолги листи на чекање за онколошки болни итн.

СДСМ е партија која нуди само деструкција и криза.

Партија која креира проблеми, а не знае да реши ниеден. Партија која нема проекти и програма. Партија на безидејност и деструктивни политики“.

Би можело да ве интересира

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада