Како Асоцијација денеска реагирате дека не ја прифаќате и првно ќе ја оспорите усвоената Методологија за мониторинг на изборното медиумско претставување бидејќи е спротивна на Законот и дискриминирачка во однос на телевизиите. Причината, велите, е тоа што со неа не се опфатени електронските медиуми (интернет портали).
Уште еднаш, како и многупати деновиве, потенцираме дека Агенцијата не се обидува да ја избегне својата обврска, туку настојува принципиелно да укаже дека правната рамка е неконзистентна и не ги зема предвид специфичностите на интернет порталите поради кои тие не можат да се мониторираат на ист начин како и телевизиите. За ова го известивме Министерството за правда и во јануари и сега.
Повторуваме дека е невозможно да се стави равенство меѓу телевизиите и интернет порталите, онака како што тоа Вие го правите, а еве и зошто. Факт верификуван од меѓународната стручна јавност, е дека примената на „законската регулатива, освен регулацијата на штетниот говор, како што е говорот на омраза, се смета за несоодветна кај медиуми каков што е Интернетот, кои имаат висок степен на пристап и индивидуална слобода и избор во содржината…. Интернетот е сличен на весниците и оттаму се смета дека е несоодветно да се применат обврските за баланс и правичност“, (UNDP; Media and Elections; A Guide for Electoral Practitioners, 2014).
Како личности кои долги години работат во аудиовизуелната област, Вие секако знаете дека телевизијата има поинаква моќ од другите медиуми, впрочем токму затоа не може да се емитува телевизиски програмски сервис без за тоа да се добие дозвола. Причината за тоа е фактот што телевизијата значајно придонесува во креирањето и пренесувањето на општествените вредности, не само затоа што во голема мерка влијае кои факти и слики з светот ќе ги добиеме, туку и поради тоа што обезбедува концепти и категории (политички, општествени, етнички, психолошки и други) кои ги користиме за да ги толкуваме и разбереме информациите што ги примаме. Значи, не само што одредува што ќе видиме – туку го утврдува и начинот на кој ќе го видиме светот (Communication from the Commission, 1999).
Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ ги регулира телевизијата и аудиовизуелните медиумски услуги по барање, а измените за кои сега се разговара, предлагаат дополнително воведување одговорност само за платформите за споделување видеа (video-sharing platforms какви што се You Tube или Daily Motion). А, со оваа Директива мора да биде усогласена нашата регулатива за медиуми зашто сме земја-кандидатка за членство.
Што се однесува до Привремената комисија, Агенцијата не е адресата на која треба да го испратите Вашиот став. Регулаторот, веќе кажа дека не ја смета за соодветно решение, но ќе и обезбеди услови за работа.
Ја обвинувате Агенцијата за волунтаризам иако знаете дека таквото тврдење е неосновано. Проблемот во медиумската сфера во Македонија одамна лежи во непочитувањето на професионалните стандарди од страна на медиумите. Затоа, Вашата реакција не може да се сфати поинаку освен како обид да продолжите да го избегнувате барањето за политички плурализам и за баланс во известувањето, како што повеќе изборни циклуси наназад прават некои од Вас. Вистинските реформи во медиумската сфера ќе се случат само тогаш кога ќе се надмине овој проблем.