(ВИДЕО) Ратајковски: Ако државата побара да ја изгасиме МРТ, ќе ја изгасиме

Од:

МРТ треба да селектира со кого да дебатира за својата уредувачка политика и инсинуираше дека дискутантите не се со чист образ, рече главниот и одговорен уредник на националната телевизија, Диме Ратајковски, на денешната дебата во организација на ЗНМ.

-Ние сакам дебати и не бегаме од нив, не сме интровертни, но мораме да правиме дистинкција со кои луѓе и со кои институции треба и мора да дискутираме – рече тој.

На тоа професорот и комуниколог, Сефер Тахири регираше велејќи дека јавниот сервис и треба да биде отчетен кон целата јавност.

– Мора да давате отчетност пред јавноста. ЗНМ и Ордановски се дел од јавноста. Нема што да барате институција или орган со кои вие ќе разговарате за стандардите. Можете да формирате своја приватна телевизија и тогаш да одбирате – порача Тахири.

На тоа Ратајковски рече дека уредниците мора да внимателно да ги бираат соговорниците затоа што нивните новинари се пречесто мета на јавно омаловажување, дискриминација и говор на омраза.

– Вие сте тие кои прават дискриминација, а отчетност мора да давате пред целата јавност, затоа што јавноста ве финансира, а не Никола Груевски. Не знам како не разбирате. Треба да бидете независни и да не примате инструкции од државен орган. Не смеете да примате наредби од државни органи. Што ќе се случи ако утре ви дојдат и побараат од вас да ја изгасите телевизија? – ги праша професорот, Ратајковси и Петревски.

– Па ќе ја изгасиме – одговори Ратајковски што предизвика реакции кај присутните.

При тоа тој додаде дека со критиките кон МРТ се влегува кон филозофски конструкции и дека е тенка линијата меѓу објективноста и субјективноста.

Главниот и одговорен уредник на МРТ ја одбрани телевизијата со тоа што рече дека нема право било кој да ја критикува.

– Многу е лесно да не критикуваат и обвинуваат, а да немаат образ да го прават тоа. Мора да имате чист образ за да не критикувате. Изминативе три години МРТ, согласно својата општествена и професионална улога, успеа не само да исплива на површина, туку и да го заземе водечкото место. МРТ беше на работ на својата егзистенција, но политиката не беше доволно моќна да ја згасне. МРТ е, сепак, институција основана од државата и застапува државни интереси, тоа го правиме и ќе настојуваме да го правиме во иднина. Јавниот сервис бил и ќе биде отворен за критика – рече тој.

Ратајковски не го одржа зборот неколку минути подоцна кога не и дозволи на новинарката, Билјана Секуловска да го искритикува уредувањето на вестите. Тој рече дека нема да дозволи рецензија на програмата на МРТ кога Секуловска праша „Дали МРТ побара изјава од новинарката Јадранка Костовска кога беше лустрирана?“ и дали во вестите биле пренесени ставовите на меѓународните новинарски организации кои застанаа зад новинарот Томислав Кежаровски за време на судскиот протест против него.

За директорот на Агенцијата за медиумите, Зоран Трајчевски, дебатата од старт беше тенденциозна и политички мотивирана.

– Фактите покажуваат дека МРТ ја остварува својата улога на балансиран сервис и дека известува за сите случувања. Сепак, согласно кривичниот законик објавувањето на снимки од неутврдени извори е кривично дело. Од каде таа увереност дека тие снимки се легално набавени и дека уредниците нема да сносат одговорност. Соопштенијата од Јавното обвинителство укажуваат дека објавувањето на снимките претставува кривично дело и не смееме да го обвиниме уредувачкиот тим што не ги објавува – рече тој.

Според него протестот пред МРТ претставува сериозен притисок врз медиумот и рече дека воопшто не може да стане збор за ослободување.

– Што ќе ослободуваат? Слободата не се освојува така. Слободата е прашање на дискусија. Тоа што е слобода за Ангелов, не е за мене – рече тој.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Каевски: Голем скандал, лажните анкети на МТВ се нарачани во штабот на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Стоилковски: Очајни дезинформации својствени за СДС, следат тужби за клевета и за фалсификат

Реакција на МРТ на обвинувањата од СДСМ

Се подготвува нова програма за Собранискиот канал

МРТ објави конкурс за избор на претставник и композиција за Евровизија 2022

А1он

Собранието донесе одлука за распишување конкурси за членови на советите на АВМУ и на МРТ