„Растодер“, чиј бренд се бананите во кој беше спакуван кокаинот, тврди дека е злоупотребена од криминален картел

Од:

По објавата за заплената на еден килограм кокаин во скопското село Крушопек, скриен во пратка со банани од марката „Дерби“, се огласи сопственикот на овој бренд, словенечката компанија „Растодер“, која тврди дека била „цел на злоупотреба од страна на криминален картел“.

Словенечките медиуми посочуваат дека кокаинот бил скриен меѓу банани увезени од Јужна Америка, чија крајна цел била Италија, но транзитирале преку неколку балкански земји. Агенцијата СТА наведува дека пратката со банани од Јужна Америка со брод стигнала во Црна Гора, од каде потоа дел биле пренесени во Албанија и Северна Македонија, додавајќи дека крајна цел на откриената дрога во Крушопек бил нарко пазарот во земјава.

Компанијата „Растодер“ во својата реакција истакнува дека уапсените од страна на македонската полиција во врска со овој случај, не се поврзани со неа.

– Полициската истрага не го таргетира „Растодер“, се наведува во соопштението на словенечката компанија, при што се додава дека „меѓународни криминални организации очигледно ги злоупотребуваат трговските рути од Јужна Америка за нивните противзаконски активности“.

Компанијата оценува дека и таа била една од многуте фирми за трговија со овошје и зеленчук, кои се злоупотребени од страна на шверцерите на наркотици.

– Убедени сме дека станува збор за системска злоупотреба што од неодамна е се почеста и со која се соочуваат сите водечки меѓународни корпорации, увозници и логистички системи. Дури и проблематичната македонска пратка ги помина сите безбедносни контроли, последната во пристаништето Бар во Црна Гора, се истакнува во соопштението на „Растодер“.

Словенечките медиуми наведуваат дека искористувањето на пратките со стоки од Јужна Америка кон Европа за шверц на дрога не е невообичаена појава, посочувајќи дека само во текот на оваа година во одвоени акции во Данска, Костарика, Еквадор, Бугарија и сега во земјава се запленети над два тона наркотици.

Во акцијата на македонската полиција во Крушопек, при која беше запленет кокаинот, беа приведени четири лица. По заплената полицијата отвори истрага за правното лице во чии простории беше пронајдена дрогата, како и за евентуална вмешаност на други физички и правни лица во случајот.

Би можело да ве интересира

Дачиќ: Полицијата уапси Србин и хрватски државјанин, запленивме 15 килограми кокаин

Горан Наумовски

Пресечен транспорт на два килограма кокаин на аеродромот во Скопје

Предраг Петровиќ

Во Порторико запленети 1.670 килограми кокаин вреден 33 милиони долари

Горан Наумовски

Кокаин вреден над 2,9 милиони евра откриен во пратка со банани во Солун

Ураганот Деби „откри“ кокаин во вредност од над еден милион долари

Поранешен олимписки шампион заврши во затвор: Сакал да продаде тон кокаин, па „паднал“ заедно со Црногорец и Македонец

Горан Наумовски