Расте бројот на предвремени породувања, „Лулка“ со донаторска недела ќе помага на семејствата

Од:

Бројот на предвремени породувања е во постојан пораст и кај нас и во светот, вели педијатарот Денис Ал Кхалили, претседател на „Лулка“, Здружение за едукација на бремени жени, мајки и деца. Точна бројка на предвремени породувања кај нас нема оти не се води таква евиденција, но искуството покажува дека се зголемува бројот на трудници кои се породуваат пред 37. гестациска недела.

„И како претседател на ‘Лулка’ и како педијатар на ГАК немам точна бројка на предвремени породувања. Имаме вкупни бројки на наталитет, на морталитет, посебно се води сметка за морталитетот кај предвреме родните бебиња, но немаме бројка на предвремени породувања. Изминативе години посебно внимание посветивме на намалување на смртноста кај предвреме родените бебиња и успеавме да ја намалиме од 25 % во 2016 година на 8% во 2021 година и го одржуваме трендот на намалување на смртноста. Она на што сега сакаме да се насочиме е намалување на бројката на предвремени породувања како превенција и зголемување на негата за предвреме родените по испис од болница “, вели педијатарот Ал Кхалили.

Бројот на предвремени породувања, според Ал Кхалили сосема очекувано расте со оглед на тоа што постојано расте бројот на ин витро оплодувања кои ги зголемуваат близначката бременост и бременоста со тројки, кои само по себе се индикација за предвремено породување.

„Освен близначката и бременоста со тројки, многу важен фактор за предвремено породување е и возраста на мајките. И таа се зголемува, подоцна се одлучуваат за раѓање, подоцна стапуваат во брак. Од тука многу значаен фактор за предвремено породување е и социјално-економската состојба. Велиме дека прематуритетот е социјална категорија оти многумина имаат послаб пристап до медицинската нега“, рече Ал Кхалили.

Во пресрет на 17 ноември, Светскиот ден на предвременото породување, „Лулка“ од 10 до 17 ноември организира донаторска недела. Собраните средства ќе ги наменат за осовременување и подобрување на третманот на предвреме родените бебиња и за одржување групи за поддршка на семејствата кои имаат предвреме родено бебе или дете и за трудниците со ризична бременост. Сметката за донирање е  300000004904647.

Освен донаторската недела, под мотото „Родителската прегратка: моќна терапија“ под кое се одбележува годинашниот Ден на предвремените породувања, „Лулка“ ќе организира и панел-дискусија на која ќе се разговара за превенцијата и намалувањето на бројот на предвремените породувања, за следење на развојот на предвреме родените деца.

Би можело да ве интересира

Викторија Јовановска останува директорка на Клиниката за Гинекологија

Орце Костов

Раката на бебето повредено на ГАК е имобилизирана, првична проценка на Комисијата е дека нема стручна грешка

ВМРО-ДПМНЕ: Три скандали на Гинекологија за една недела, никогаш не било полошо

Почина родилка од Делчево на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје

Горан Наумовски

Бебето Едон родено со 940 грама си замина дома по 77 дена поминати на ГАК

Почина родилката која скокна од првиот спрат на ГАК, неколку дена по породувањето