Обвинителката Ивана Трајчева го поднесе обвинението против ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, како и сопственикот на фирмата „Инвока груп“, Даниел Станчев, заедно со ангажирани во Владата кои го спроведувале тендерот. По осум месеци истрага, а пред истекот на мерките кои се определени за двајцата обвинети, Трајчева бара од Кривичниот суд да им се суди на обвинетите за набавката на спорните софтвери за сообраќајни прекршоци и биометриска идентификација на гласачи. За двата случаи, Рашковски се изјасни дека се било направено законски.
Од Обвинителството за „А1он“ велат дека детали за обвинението ќе се дадат преку соопштение во текот на денот. Претходно, кога беше отворена истрага, Обвинителство кажа дека сега обвинетите со умисла извршиле кривични дела на штета на буџетот на државата.
„Во временскиот период од месец јануари 2019 година до месец јули 2020 година, првоосомничениот како службено лице, помогнат од останатите осомничени лица, со умисла извршил три дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Пред спроведување на постапката за јавна набавка на софтвер, првоосомничениот ја договорил набавката на софтверот со третоосомничениот, доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка. Четвртоосомничениот како надворешен соработник пренесувал информации за текот на постапката на осомничените – учесници во јавната набавка. Во текот на постапката за јавната набавка наместо комуникацијата да се извршува со користење електронски средства преку Електронскиот систем за јавни набавки, со цел фаворизирање на конкретен економски оператор првоосомничениот лично ги дефинирал техничките спецификации што упатуваат на патентот. На 02.01.2020 година, првоосомничениот донел Одлука за избор на најповолен понудувач за економскиот оператор каде сопственик и управител е второосомничениот и бил склучен Договор за набавка на услуги. Во месец јули истата година економскиот оператор доставил фактура на износ од 4.997.300,00 денари со вклучен 18% ДДВ, па иако софтверот не бил имплементиран, фактурата во рок од седум дена била исплатена“, образложи ОЈО-ГОКК во април годинава.
Според тогашното соопштение со која беше отворена истрагата, во летото 2019 година, Рашковски донел уште две одлуки за јавна набавка на работи за потребите на софтверот, иако во та време сѐ уште не бил склучен договор за набавка на таков софтвер. Со избраните економски оператори како најповолни понудувачи биле склучени договори на износ од 1.416.000,00 денари со вклучен ДДВ и од 4.605.021,00 денари со вклучен ДДВ.
„Со дејствијата што ги извршил, првоосомничениот со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка спровел јавни набавки спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени согласно прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства и за три економски оператори прибавил корист – право да учествуваат во постапките за јавни набавки и да склучат договори за истите и притоа да се стекнат со противправна имотна корист на штета на Буџетот на Р.С.Македонија во вкупен износ од 11.018.321,00 денари“, посочуваа од Обвинителството во април годинава.