Драги Рашковски во објава на „Фејсбук“ напиша дека се повлекува од функција секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата на С. Македонија.
Тој во објавата го сподели писмото што го упатил до премиерот каде ги објаснува причините за, како што наведува, неотповикливото повлекување од функцијата. Споделеното писмо е со датум од 12-ти месецов.
„Кога политиката и политиканството ќе станат погласни од природните науки, тогаш работната атмосфера станува непогодна за некој кој е научен во се да ја бара логиката. Токму затоа до вас го доставувам ова неотповикливо повлекување од функцијата секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата на Република Северна Македонија и на стратешки проекти“, стои во писмото до премиерот Зоран Заев.
Во писмото тој наведува дека иако се повлекол за да го зачува достоинството и интегритетот, ќе му остане горчина за набавениот софтвер за сообраќајни прекршоци оти на 40 страници било образложено и преку практична работа било покажано и докажано дека со понуденото решение, кое многу се коментира во јавноста, секој втор живот што ќе згасне на улиците, може и има како да биде спасен.
Во објавата на „Фејсбук“, Рашковски нагласува дека само она што е наведено во писмото е причината за оставката, а се останато се лажни вести.
„Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции. За лажните вести најдобро искуство да го преточиш во научен труд е преку лично искуство. Се надевам лажните вести ќе престанат, зошто нивното негативно влијание не штети само лично. Вистинската причина за повлекувањето е наведена во самото писмо. Се поразлично од тоа е лажна вест, напиша Рашковски на ФБ.
Државната комисија за спречување на корупцијата на 10-ти минатиот месец отвори предмет за набавката на софтвер за контрола во сообраќајот којшто го распишал Драги Рашковски како генерален секретар на Владата, а се проверува и имотната состојба што ја пријавил во анкетениот лист. Основното јавно обвинителство за организиран криминал на 18 минатиот месец отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот, а на 9-ти месецов беше извршен претрес во просториите на фирмата „Инвока груп“ од која е купен софтверот.