Незадоволни од последните изјави на официјалните лица и текот на решавањето на барањата за затворање на регионалната депонија Русино, од утрово еко активистите го блокираа носењето на отпад за сите комунални претпријатија. Од иницијативата „Стоп Русино-Чист воздух за Гостивар“ најавуваат протести и порадикални мерки.
По речиси педесет дневна блокада на локалниот пат што води од Гостивар до депонијата Русино, еко-активистите донесоа одлуки со кои сакаат да извршат притисок врз институциите. Повод за повторното блокирање е последната изјава на министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и најавата за одржување на седница на Советот дека ќе бидат предложени членови на раководните тела во претпријатието за управување со отпад.
– Нас нè револтира односот локалната и централната власт. Со последните изјави и постапки тие најавуваат и формално функционирање на новото претпријатие. Доколку тоа се случи нашите барања нема да се исполнат и нема да оствари основната цел: затворање на Русино. Неприфатлива е изјавата на министерот, дека Русино мора да биде депонија. Свесни сме дека затворањето не може да се случи за кусо време, но не добивме ни одговор дали се бара нова локација и каков е планот ѓубриште Русино конечно да се затвори, изјави Анастасија Дукоска од иницијативата „Стоп Русино“.
Од денешниот собир тие порачаа дека нема да отстапат од барањата и ќе постават „жив штит“. На локалната самоуправа и членовите на советот на општината им порачаа да не ја гласаат предлог одлуката со која ќе се завршат формалностите околу формирањето на претпријатие што ќе управува со отпадот во полошкиот регион.
Активистите по новиот развој на настаните изминативе денови најавија протест што ќе се одржи во вторник во попладневните часови.
Состојбата со регионалната депонија Русино стана актуелна откако гореше отпадот и граѓаните се жалеа на загаден воздух и лоша миризба. Група граѓани реши да преземе активности и да поттикне поголема грижа за здравјето на луѓето и се спротивставија на понудените решенија. Блокадата за носење на отпад ја започнаа на 2 август. По неколку дена беше дозволено да поминуваат само камионите на гостиварското комунално претпријатие. Отогаш комуналниот смет од осум полошки општини се носи на други локации.