Приватниот сектор е задоволен од владиниот проект за вработување млади лица до 29-годишна возраст, а оние кои веќе ја користат оваа мерка препорачуваат и останатите стопанственици да ги искористат можностите што им се нудат.
Со оваа мерка, работодавачите кои ќе вработат невработени лица до 29 години возраст со полно работно време, ќе бидат ослободени од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и тоа придонес за пензиско и инвалидско осигурување, придонес за здравствено осигурување и придонес за осигурување во случај на невработеност. Обврска на работодавачот е да го задржи лицето на работа дополнителни 12 месеци, по истекот на периодот во кој е ослободен од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување.
– Имам вработено лице со 29 години, стоматолошка сестра, според законот што го донесоа. Во меѓувреме, жената не знаела дека е бремена и сега направив нејзина замена бидејќи таа отиде на породилно отсуство. Државата ги плаќа придонесите додека таа е на породилно боледување. Нејзината замена е ослободена од плаќање придонеси, вели Зоран Илиевски, сопственик на приватната здравствена установа „Д-р Светлана Илиевска“ во скопската населба Ченто.
Со Законот кој беше донесен од Владата на Република Македонија, како што појаснува Илиевски, за нововработените се ослободени една година од плаќање придонеси, а должни се како сопственици на ординациите да ги задржиме уште една година. По една година можат да ги отпуштат.
Тој информира дека досега кај пет ординации се случило на работа да примат бремена жена која откако заминува на породилно боледување, државата на замената и ги плаќа придонесите.
– Придонесите додека трае замената се на товар на државата. Ние сме ослободени од придонеси, само треба да исплаќаме плати. Лесно е да се најде замена преку Агенцијата за вработување, без никаков проблем. Донесено е и издадено ни е решение во најкраток можен рок, а нововработената почна со работа без никаков проблем, потенцира Илиевски.
Тој им порача на работодавачите да ги искористат мерките што ги овозможуваат Владата и Министерството за труд и социјална политика.
– И другите нека пробаат да видат дека бериќет ќе имаат. Досега имам вработено две лица со мерката до 29 години и сега замената е трето лице. Доколку би имале услови би продолжиле и понатаму да се прошируваме со работата и да вработуваме и нови лица. Генерално задоволен сум од работата на лицата што ги ангажиравме преку Агенцијата за вработување, изјави Илиевски.