Работниците на Југохром Алзар со нова двочасовна блокада на патарината кај Желино од автопатот Тетово Скопје уште еднаш побараа од Владата да ја укине одлуката на Државниот инспекторат за животна средина со која се забранува работата на Комбинатот до поставување на системот за отпаршување на фабричките оџаци.
Работниците бараат да се укине според нив оваа неоправдана одлука и да се рестартира фабриката што им е единствен извор на егзистенција. До оваа трета блокада на ова место доаѓа еден ден пред утрешната средба со премиерот Емил Димитриев на која треба да се разговара за нивните барања.
-Остануваме на нашите барања Владата да овозможи Југохром да ги вклучи печките како прво, а менаџерскиот тим да продолжи со поставување на филтрите. Од утрешната средба со премиерот Емил Димитриев зависи дали работниците ќе одат во Агенцијата за вработување или ќе се вратат на работа. Ние веќе не преговараме со менаџерскиот тим околу статусот на околу 700 работници кои од вчера веќе немаат здравствено осигурување и немаат плата. Според најавите од менаџерскиот тим на системот за отпрашување ќе се работи паралелно со почетокот на рестартирањето на печките и се очекува некаде до есен овој систем да биде завршен, изјави Светислав Спасовски од синдикатот на Југохром.
Претседателот на синдикатот на Југохром Бајрам Амити посочи дека доколку од утре 700 работници на Југохром останат без работа тоа нема да има влијание само врз нив и нивните семејства, туку пошироко во Македонија бидејќи секој вработен во металургијата повлекува уште три други работни места поврзани со неговата работа, за набавка на кварц други суровини и репроматеријали што се набавуваат. – Тоа, потенцира, значи ако половина од сите овие се од Тетово и Тетовско останатите се од Битола, Скопје и други места така што и нивната егзистенција е загрозена.
Протест беше подржан од претставниците на СИЕР.
-Металургијата во Македонија е во многу лоша состојба од повеќе причини како блокадата на границата кон Грција, штрајкот во железницата, цените на светските берзи и во ваква состојба која Фени, Макстил и другите капацитети имаат намалено производство неработењето на Југохром има големо влијание врз девизниот прилив во државата каде маталургијата има значајно место. Штетите се огромни но екологијата и бизнисот мора да одат заедно иако екологијата е скапа работа, а бизнисот не сака да има дополнителни трошоци светските искуства и стандарди покажуваат дека и тоа изводливо, рече Маре Анчева од СИЕР.
Југохром ги изгасна печките на почетокот од ноември минатата година согласно одлуката на Државниот инспекторат за животна средина бидејќи управата на фабриката не го испочитува двегодишниот рок добиен за поставување на филтри на оџаците. Од управата посочија дека 21 месец чекале да ги добијат потребните дозволи за да отпочнат со негова градба и од јули започнале да работат на поставување на системот за отпрашување. Поради тоа тие побарале продолжување на рокот за 18 месеци, но засега немаат добиено одговор од надлежните.