Еразмус плус програмата на ЕУ за образование, обука, млади и спорт започна да се имплементира и во основните училишта и градинката во општина Чешиново – Облешево.
ОУ „Страшо Пинџур“ во Чешиново беше домаќин на работилницата што се одржа попладнево со цел објаснување на програмата, нејзините цели и придобивките од нејзино имплементирање за училиштето. Предавачи беа претставници од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност од Скопје, а акцент беше ставен на ЕУ иницијативите Еуропас, Евридика и Е-твининг. Целна група се наставници и раководните лица на основните училишта во општината и од детската градинка.
– Сметаме дека оваа работилница ќе влијае за аплицирање на повеќе проекти и за размена на искуства со наставници и училишта надвор од државата. Сметаме дека е можност наставниците да се запознаат со овие програми и да ги прошират своите познавања во делот на апликација и воспоставување врски со училиштата надвор од државата. Имаме повеќе идеи за проекти. Од оваа година нашето училиште е добитник на зелено знаме и сме еко училиште така што идните проекти ќе бидат во делот на екологијата, рече Благој Трајков, директор на ОУ „Страшо Пинџур“ Чешиново.
Главната цел на Еразмус плус програмата е да одговори на повеќе предизвици кои што се однесуваат на борба против зголемувањето на невработеноста, особено меѓу младите лица, развој на социјалниот капитал, промоција на систематски реформи во земјите за демократски живот во Европа, активно граѓансство и развој на спорт и спортски активности.