Рабаџиевска, Камбероски и Стојчевска со најмногу пари за патни трошоци

Од:

Над 525 илјади евра биле исплатени за патни трошоци на пратениците во Собранието минатата година, покажува анализата на „Макфакс“ од податоците до кои дојдовме користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Анализата покажува дека донесувањето на законските измени со кои беше намален надоместокот за користење личен автомобил за службени цели, влијаело при намалувањето на патните трошоци, сепак на голем дел од пратениците се уште им се исплатуваат по илјада евра месечно за да одат на работа до Собранието а потоа да се вратат дома во градовите од внатрешноста.

„Макфакс“ веќе пишуваше за патните трошоци до мај минатата година, кога рекордер беше Бети Рабаџиевска од СДСМ која живее во Ресен со потрошени 11.700 евра, а веднаш зад неа Мира Стојчевска од СДСМ од Делчево со 10.396 евра и Алија Камбероски од партијата ПЕИ од Струга со 10.355 евра потрошени за патни трошоци.

Во вторите 6 месеци од годинава, односно од јуни до ноември, на врвот на листата повторно е Камбероски со 8.356 евра, потоа Рабаџиевска со 7.728 евра, Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ од Битола со 7.680 и Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ од Берово со потрошени 7.121 евра.

На годишно ниво, сепак, рекордери се Рабаџиевска, Стојчевска и Камбероски.

Евидентно е дека во втората половина на годината трошоците се намалиле, по донесувањето на законските измени, но сепак, тука е и фактот што Собранието не работеше речиси три недели во август минатата година, а во тек беа и летните годишни одмори.

Во изминатите години имаше жестоки реакции дека пратениците кои потекнуваат од подалечните места од Скопје, во 2017 и 2018 година зеле високи патни трошоци поради проблематичната методологија на пресметка. Пресметувањето се прави според цената на горивото, километрите и оддалеченоста на местото на живеење и нив ги изготвува автоматска програма во законодавниот дом.

Со одлука на Собранието, пратениците кои имаат право на надомест за користење автомобил во лична сопственост за службени цели во висина од 30% од продажната цена на литар гориво за изминат километар, плус патарините, од пред половина година добиваат 20%. Пратениците прво треба да приложат патна сметка, да се потпишат во списоци за секоја активност во Собранието. Доколку се потпишани, имаат патна сметка и патарини, се внесуваат во програма која автоматски им ги пресметува сумите за патни трошоци.

Пратениците кои живеат на оддалеченост од 100 километри од Собранието, имаат можност наместо исплата на патни трошоци, да добијат стан во Скопје на трошок на државата до 400 евра месечно, а до пред неколку месеци, само двајца пратеници го имаа искористено ова право.

Иако во своите анкетни листови некои од пратениците имаат пријавени станови во Скопје, тие сепак се одлучуваат да земаат патни трошоци и да не го напуштаат местото на живеење во внатрешноста.

 

Мери Јордановска и Васко Маглешов

 

 

Би можело да ве интересира

Собранието ја заврши расправата за законот за попис, ќе се гласа во понеделник

А1он

Продолжува собраниската расправа по Предлог-законот за попис

Ана Ололовска

Седници на три собраниски комисии

Ана Ололовска

Продолжи собраниската расправа по Предлог-законот за попис

Жарко Настоски

ВМРО-ДПМНЕ бара повлекување на Законот за попис

Османи побара од Милошоски да ја закаже и седницата на Комисијата за надворешна политика за амбасадорите

Жарко Настоски