Хрватската министерка за надворешни работи Весна Пусиќ денеска, по состанокот на Советот на ЕУ, изјави дека ЕУ во овој момент треба многу концентрирано да работи со Македонија за да се надминат предизвиците со кои се соочува земјата.
– На состанокот на Советот на ЕУ разговаравме за Македонија. Она што мислам дека е важно да се подвлече е дека Македонија во овој момент е кандидат и тоа веќе со години земја – кандидат. Морам да кажам дека некои од колегите овој факт дури и го заборавија. Предност е што и покрај сите чудни и драматични случувања во Македонија во последно време, тоа не се претвори, барем за сега, во етнички судир и, второ, дека тоа е проблем што ЕУ може да го реши самостојно. Затоа во овој момент треба многу концентрирано да се работи со Македонија, сите држави членки, а особено оние кои се од регионот. Хрватска, секако, е меѓу нив, рече Пусиќ.
Претходно денеска министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија, по еден ипол час дискусија за политичката криза во Република Македонија, одлучија за утре да го остават официјалното усвојување на заклучоците за нашата земја, јави дописникот на МИА од Луксембург.