Пусиќ-Бесими: Приемот во ЕУ и НАТО во интерес и на Македонија и на регионот

Од:

Хрватска стои на ставот дека интерес и на Македонија и на целиот регион е да се исполнат условите Македонија да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, како и за прием во НАТО, изјави денеска во Загреб вицепремиерката и министер за надворешни работи и европски прашања Весна Пусиќ по средбата со македонскиот вицепремиер за европски прашања Фатмир Бесими.

Загреб смета дека евроинтеграцијата на овој дел од Европа ќе значи и консолидација на европската територија, и е повеќе од проширување на ЕУ, рече Пусиќ.

Она што за Македонија беше добра вест од евроинтеграциите оваа година, како што рече пак македонскиот вицепремиер Бесими, е членството на Хрватска во Европската унија, што значи дека продолжува концептот на проширување на ЕУ, јави известувачот на МИА.

– Тоа за нас значи дека ние треба да продолжиме да работиме. Стратешки приоритет на Македонија останува членството во ЕУ и во НАТО. Ние работиме на реформите, а го воспоставивме и Дијалогот на високо ниво и петте приоритети, изјави Бесими.

Двајцата соговорници посочија дека продолжува соработката меѓу двете земји, особено во евроинтеграциските процеси, за што е потпишана спогодбата за Евро-атлантско партнерство, но и пошироко.

– Ќе соработуваме и натаму и на европски и на регионални теми, изјави Пусиќ.

Хрватска, вели таа, е членка на ЕУ, но и натаму е дел од регионот на ЈИЕ. – Ние сакаме да бидеме активни и да водиме проактивна политика во нашиот регион бидејќи тоа сметаме дека е клучно за нашата сопствена стабилност, но и за стабилноста и безбедноста на Европа во иднина, рече хрватската министерка.

Бесими и го честиташе влезот на Хрватска во Европската унија, нагласувајќи дека ова е негова прва посета на земја – членка на Унијата по нејзиното зачленување на 1-ви јули и оти таа симболика би сакал да се претвори во конкретен резултат.

Најавено е продолжување на соработката во земјоделството, во трговијата, и во други области од интерес за двете страни. Соработка и размена на искуства има за поглавјата кои се однесуваат на правосудството и регионалната политика, како и земјоделството, што според хрватската министерка се можеби најчувствителните.

Македонија, истакна Бесими, се подготвува за следната фаза, а тоа е добивање датум за преговори со ЕУ, а денешниот состанок е исто така во таа функција. Најави средби на македонски и хрватски експертски тимови. Хрватското искуство ќе биде добредојдено во процесот на усогласување на националното законодавство со европското законодавство, особено во поглавјата каде Хрватска има изградена значајна експертиза.

Би можело да ве интересира

Орбан: Западот повеќе не е пример за следење

Орбан: На ​​Будимпешта не ѝ се потребни рецепти од Брисел

Трамп: Европската Унија да престане да купува нафта од Русија

Македонија e блокирана без отворени или затворени поглавја со ЕУ, изјави Адеми

Горан Наумовски

ЕК предлага суспензија на договорот со Израел и санкции врз израелските министри и Хамас

Орбан: Брисел е на погрешен пат, ние ќе продолжиме по својот, унгарски пат