Премиерот Никола Груевски, директорот на Агенција за млади и спорт Александар Пујовски и градоначалникот на општина Шуто Оризари Елвис Бајрам денеска пуштија во употреба повеќенаменско спортско игралиште во општината.
– На ова повеќенаменско игралиште може да се игра фудбал, кошарка, ракомет и други спортови. Игралиштето е оградено и осветлено за да може да се употребува и во вечерните часови. За негова изградба Владата издвои 7 милиони денари, истакна Груевски, најавувајќи дека наскоро ќе почне изградбата на спортска сала во центарот на општината.
Во завршна фаза, според него, е и проектот за изградба на водоводна мрежа во општината. Следува проектирањето на финансиската конструкција и се очекува следната година на почне реализацијата на проектот.
Премиерот подвлече дека спортот не е единственото поле на кое Владата ја помага ромската заедница.
– Овие неколку години имаме навистина многу проекти со кои сакаме да го подобриме животот на Ромите од најразличен аспект, но пред се во делот на образованието, здравството, вработувањата, социјалната политика, културата и други области, нагласи Груевски.
Во оваа општина, додаде тој, во тек е доградба на двете основни училишта „Браќа Рамиз и Хамид“ и „26 Јули“ со што ќе се зголеми капацитетот и ќе ги опфати сите деца од општината без притоа да треба да одат во три смени.
– Конечно се надминати и имотно правните проблеми за новото средно училиште и од минатата недела продолжи забрзано да се гради, истакна премиерот.
Во делот на образованието Груевски потсети на програмата за стипендирање на сите средношколци Роми кои ќе се запишат во прва година, како и за огласот за стипендирање на 700 талентирани ученици Роми кој е во тек. Активна е мерката за условен паричен надоместок односно парична помош од 12 илјади денари годишно за секое дете, кое редовно оди во училиште од социјално загрозените ромски семејства.
– Покрај за студентите, средношколците и учениците во основно образование имаме мерки и за децата во предшколска возраст. Во 17 општини низ земјава меѓу кои и во Шуто Оризари во тек е проект во чии рамки го плаќаме надоместокот за сите деца од 3,5 до 5,5 години кои посетуваат градинка и понатаму го следиме нивниот развој, рече Груевски додавајќи дека за поуспешно спроведување на проектот во оваа општина веќе има вработено една негувателка во градинката, а наскоро ќе биде вработена уште една од ромска националност.
За поддршка на населението од разни проблеми низ цела држава отворени се ромски информативни центри каде што граѓаните може да се информираат за битни работи од областа на вработувањето, домувањето, здравство, образование и други.
Како посебна помош во областа на здравството претседателот на Владата го посочи воведувањето на здравствен медијатор за Ромите, односно луѓе кои даваат помош и поддршка на граѓаните за остварување на нивните права од здравствена заштита.
Покрај ова, во тек е и проект за мобилни правни канцеларии кои ротираат во ромските невладини организации и информативни центри и помагаат со правни совети за сите граѓани кои имаат проблеми.
Во делот на вработувањето Груевски нагласи дека Владата постојано работи на намалување на невработеноста кај ромската популација.
Ова повеќенаменско игралиште, како што нагласи Пујовски, е само дел од заложбите на Владата младите да прераснат во личности кои преку негувањето на основните спортски вредности и спортската култура понатаму дополнително ќе придонесуваат во развој на спротот во Република Македонија.
– Со пуштањето во употреба на ова повеќенаменско игралиште се заокружува концептот на создавање здрава нација преку делувањето во сите сегменти кои го креираат севкупниот развој на спротот, како што е поддршката на врвниот спорт преку националните спортски федерации, поддршката на спортските клубови, училишниот и универзитетскиот спорт, борбата против допингот и порорците на денешницата, борбата против насилството и недостојното однесување во спортот, донирање спортска опрема и реквизити, рече Пујовски.
Градоначалникот Бајрам во име на жителите од општината се заблагодари за повеќенаменското игралиште.
– Ние Ромите, граѓаните на Шуто Оризари, добивме спортски терен, кој ни требаше. Со ова што го направивте докажувате дека и Ромите знаат да спортуваат, додаде Бајрам.