Пуштена во употреба втората делница од реконструираниот и проширен булевар „Борис Трајковски“, на потегот од крстосницата со булеварот „Србија“ до влезот во поранешната фабрика „Слаткарница“ во должина од 1.126 метри.
Меѓународниот ден на трудот, булеварот го пуштија премиерот Никола Груевски и градоначалниците на Град Скопје и на Кисела Вода, Коце Трајановски и Никола Груевски.
– 1 Мај е ден кој секогаш се прославувал во чест на работниците и делата кои остануваат од нивната успешна работа. Како резултат на таквата работа, во изминатиот период во Скопје се изградија голем број нови градби и се реализираа голем број нови дела. Едно од тие дела е и новиот булевар „Борис Трајковски“. Проектот на кој работеа поголем број работници од Република Македонија, рече премиерот Груевски.
Посочувајќи дека проектот почна минатата година од страна на градоначалникот Трајановски и претходниот градоначалник на Кисела Вода Марјан Ѓорчев, премиерот истакна дека за само една година се заврши она што многумина го ветуваа, но никој не успеа да го направи во минатото. Уште еднаш, додаде тој, се докажа дека волјата за успех, во комбинација со посветена и напорна работа дава резултат. Резултатот е пред нас. Постигнатото се гледа, а ефектите се чувствуваат, потенцира премиерот.
– Старата улица „Првомајска“, која беше синоним за гужви и метеж на сообраќајот, веќе е минато. Пред нас е ново и модерно сообраќајно решение. Булевар со вкупна должина од 2,5 километри, со четири коловозни ленти, со тротоари и велосипедска патека, со ново осветлување и нова атмосферска канализација. Токму онаков каков што заслужуваат жителите на Кисела Вода, Центар, Драчево и сите останати жители кои се обраќаат по оваа прометна сообраќајница, подвлече Груевски.
Со проширувањето на овој дел, како што истакна Трајановски, булеварот доби четири коловозни ленти, широки по 3,5 метри. Коловозот е асфалтиран со полимеризиран асфалт-бетон, на површина од околу 16.000 метри квадратни, а уредени се и две семафорски крстосници.
– Проширувањето на делницата беше искористено за поставување атмосферска канализација во должина од 1.126 метри со променлив профил, а реконструиран е и мостот над Усјанскиот канал, со што доби четири коловозни ленти со пешачка и велосипедска патека.
Реконструкцијата, според Беличанец – Алексиќ, е од исклучително значење за развојот на овој дел од општина Кисела Вода, особено за индустриската зона во Пинтија, која е една од најголемите во Град Скопје.
– Реализацијата на проектот за реконструкција на булеварот „Борис Трајковски“ на потегот од фабриката „Охис“ до индустриската зона во Пинтија, односно на мостот Маркова Река, на влезот во Драчево е од врвен економски и урбанистички приоритет на општина Кисела Вода, но и на Градот Скопје, рече Беличанец – Алексиќ.
За проширување и реконструкција на булеварот „Борис Трајковски“ инвестирани се четири милиони евра, пари обезбедени од Европската банка за обнова и развој и средства од буџетот на Град Скопје.
Првата делница од проширениот и реконструиран булевар „Борис Трајковски“ , кој се градеше на потегот од „Рампа“ до крстосницата со улицата „Народни Херои“ во должина од 1.380 метри, беше завршена во октомври минатат година.