Пуштен во употреба мостот во тетовското село Порој

Од:

Со симболично поминување на трактор денеска беше пуштен во употреба новиот мост во тетовското село Порој којшто го изгради инженерскиот баталјон на АРМ.

Дрвениот мост е вграден на бетонска потпора и носачи и е со должина од 10,5 метри, ширина 5 метри и висина од 4,5 метри. Носивоста му е четири тони, а неговата изградба траеше 12 дена.

На настанот присутвуваа министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, заменик-министерот Беким Максути и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.

Министерката Шеќеринска истакна дека Армијата уште еднаш покажала дека може да реши сериозен проблем на месното население.

– Ова е вторпат како се гради овој мост, откако претходниот беше однесен од поплавите во јуни и сега само за 12 денови со тимска работа, искуство и со желба да се помогне на дело се покажа партнерството што Армијата го има со граѓаните, нагласи министерката Шеќеринска.

Одговарајќи на новинарско прашање дека поминале четири месеци откога мостот бил уништен, министерката Шеќеринска рече дека причината за тоа е што седум месеци бил спречен мирниот трансфер на власта и оти изградбата дошла откако била донесена одлука на Влада и било договорено општината да го обезбеди потребиот материјал за изградба.

Градоначалничката на Тетово најави дека следната година заедно со Владата и УНДП ќе бидат изведени зафати за изградба на каскадни брани во горниот тек од Поројска река, слично како што тоа било направено и на реката Пена над Тетово со цел да не се повторуваат поплавите и да не се уништува мостот во Порој.

Претседателот на месната заедница од Порој, Сулејман Рамадани изрази благодарност за изградбата на мостот, но побара ветените зафати да бидат што поскоро завршени. – Коритото на реката се уште не е исчистено, а ние ќе побараме од Министерството за одбрана да ја разгледа можноста за минирање на неколку големи карпи што се во реката што при можни поплави можат да нанесат големи штети. Очекуваме дека 2018-та година ќе бидат изградени каскадните брани во горниот тек од реката над селото за да се заштитиме од последиците и овој мост што е стручно направен да биде тука повеќе години, изјави Рамадани.

Инжинерискиот баталјон на АРМ по вторпат го гради мостот во Порој откако тој настрада при големите поплави во 2015 година, за на негово место да биде изграден нов, којшто беше однесен од надојдената вода во јуни годинава.

Би можело да ве интересира

Маж од Тетово заработи кривична од МВР откако ја истепал сопругата

Рестрикции на вода во Тетово

Катерина Ѓуровски

Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против Славјанка Петровска

Катерина Ѓуровски

Двајца тешко повредени во сообраќајка на обиколницата за Тетово

Горан Наумовски

Поради сообраќајка на патот Тетово – Гостивар, сообраќајот по една коловозна лента

19-годишно момче е осомничено за убиство на 16-годишен малолетник