Пулмологија ќе го одбележи Меѓународниот ден на ХОББ

Од:

Под мотото „Диши во знаење“, Клиника за пулмологија и алергологија-Скопје денеска ќе го одбележи Светскиот ден на ХОББ (Хронична Опструктивна Белодробна Болест).

Во рамки на одбележувањето ќе се одржи работилница на која ќе бидат опфатени амбулантските и болничките пациенти со ХОББ, а ќе се поделат и брошури со информации и совети.

ХОББ е прогресивно и иреверзибилно заболување на белите дробови кое доведува до отежнато дишење и склоност кон егзацербации и сериозни болести.

Клиниката за пулмологија и алергологија секоја година учествува во ова глобално случување, со организирање на различни настани, од едукативни предавања за пошироката јавност, работилници за пациентите, до стручни дискусии на ниво на здравствени работници.

Потребата од тоа ја потенцираат и податоците за амбулантски и хоспитално лекувани болни од ХОББ кои покажуваат тренд на зголемување во последните три години. Во 2014 имало 3.195 амбулантски и 523 хоспитално лекувани, 2015 – 3.737 амбулантски и 586 хоспитално и во 2016 година 4.320 амбулантски и 580 хоспитализации.

Според податоците на Светската Здравствена Организација, 5 до10 проценти од сите возрасни над  40-годишна возраст имаат ХОББ, со поголема застапеност кај мажите отколку кај жените. Вкупно околу 3 милиони смртни случаи годишно се предизвикани од ХОББ. Најголем процент од нив (повеќе од 90 отсто) се случуваат во слабо и средно развиените земји.

Главната причина за настанување на ХОББ е пушењето. Други ризик фактори се загадувањето на воздухот и професионалната изложеност на гасови или прашина. Некои случаи на ХОББ се јавуваат како резултат на долгогодишна астма или генетски фактори. Најчестите симптоми на ова заболување се отежнато дишење, недостаток на воздух, кашлица со искашлување на секрет, придружени со слабост, губење на апетит и телесна тежина.

Се проценува дека во следните години бројот на пациенти со ХОББ ќе се зголемува поради повисоката преваленца на пушачи и глобалното стареење на светската популација. Многу случаи на ХОББ можат да се спречат со избегнување на пушење или рано прекинување со оваа навика. Постојат повеќе програми со цел контрола на пушењето и воведување на непушењето како глобално. ХОББ е заболување кое не може да се излекува, но со современиот третман можат да се олеснат симптомите, да се подобри квалитетот на живот и да се намали ризикот од смрт. Третманот опфаќа прекин со пушење, медикаментозен третман со бронходилататорни и антиинфламаторни лекови, физичка активност и кислородна терапија.

Светскиот ден на ХОББ се организира секоја година од страна на глобалната иницијатива ГОЛД,  во соработка со здравствените работници и пациентите со ХОББ од повеќе од 50 земји низ светот. Целта е да се подигне свеста за болеста, да се информира јавноста за манифестациите, за можните последици и превентивните, како и тераписките можности, со што би овозможиле навремено дијагностицирање и подобрување на грижата за пациентите со ХОББ.

Би можело да ве интересира

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство

Синдикати бараат новиот министер за здравство да ги потпише анексите усвоени од Влада