Првиот човек на Советот на јавни обвинители, Петар Аневски потврди дека е дадена насока предметот „Сопот“, Обвинителството за организиран криминал да го даде на Специјалното јавно обвинителство на Катица Јанева.
На денешната седница е одлучено спогодбата на Звонко Костовски, обвинет во предметот „Пуч“, која СЈО ја бараше, да ја врати во скопскиот Кривичен суд. СЈО го бараше „Сопот“ поради тоа што постои јавно објавен прислушуван разговор во кој се зборува за овој предмет и со цел Јанева да утврди дали е надлежно и за овој предмет.
„По добиеното писмено Известување од Советот на јавните обвинители на Република Македонија од 04.07.2017 година, во кое нема донесена децидна одлука дали да се предаде предметот, туку дека „ќе треба самостојно да одлучи дали наведениот предмет ќе го достави до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, ОЈО ГОКК одржа Колегиум на јавните обвинители. На Колегиумот се заклучи предметот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција познат во јавноста како „Сопот“, што е во фаза на првостепена судска постапка пред Основниот суд Скопје 1 – Скопје, со неговите списи, да се достави до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за да истото се произнесе дали врз него ќе воспостави надлежност“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство.
Според законот за СЈО, од моментот на прием Катица Јанева ќе има рок од 8 дена да одлучи дали ќе го земе „Сопот“ во нејзина надлежност.