Првите шест неонатални кардиохирушки интервенции се извршени од 26 до 29 март на Клиниката за детска хирургија во Скопје. Првпат во историјата на Македонија се изведени вакви кардиохирушки интервенции во јавното здравство и воопшто во македонското здравство. Интервенциите се изведени под водство на тим на Меѓународната фондација на детско срце со седиште во САД, предводен од светски познатиот хирург Вилијам Новик, а во нив беа вклучени и детски хирурзи, анестезиолози, педијатри и медицински сестри од универзитетските клиники. Во наредните седум дена ќе бидат извршени уште шест неонатални кардиохирушки интервенции.
Премиерот Никола Груевски, кој заедно со министерот за здравство Никола Тодоров денеска ја посети Клиниката за детска хирургија изјави дека станува збор за многу значаен проект за Македонија, нов момент во јавното здравство бидејќи досега не се вршеа кардиохирушки операции на деца и на бебиња.
Тој рече дека разговарал со тимот лекари од шест држави кој почнал една нова етапа во кардиохирургијата во Македонија, а тоа е операции на мали деца, неонатални операции.
– Веќе имаат шест успешно завршени операции, некои од бебињата имаат неколку месеци. Истовремено овој тим обучува група наши лекари. Тимот ќе доаѓа секои три месеци во наредните три години. Очекуваме дека во тој период ќе се заврши обуката на нашите лекари и потоа ќе продолжат самостојно да ги извршуваат операциите. Практично најголем дел од потребите на Македонија на мали деца и на бебиња ќе биде извршен од од овој тим. Само најургентните случаи во меѓувреме додека тимот не е тука, ќе бидат испраќани како и досега во странство, истакна Груевски.
Искуствата, посочи премиерот, покажуваат дека повеќе од 70 отсто од случаите не се ургентни и може да почекаат месец, два или три, според проценката на лекарите.
– На секои три месеци тимот предводен од главниот лекар ќе биде присутен. Следното нивно доаѓање ќе биде во јуни, потоа во септември итн. Има лекари од САД, Канада, Англија, Белорусија и од други држави. Задоволен сум што десетина наши лекари добиваат ваква обука и што по три години ќе можат самостојно да ги продолжат овие операции и со тоа ќе се направи и многу сериозна заштеда затоа што државата досега плаќа во странските болници за операции на наши деца. Сега на овој начин во овие три години околу 70 отсто од тие пари ќе ги заштедиме. Се прави и сериозна заштеда и добра обука на нашите лекари и помалку малтретирање за родителите, додаде премиерот Груевски.
Американскиот кардиохирург Вилијам Новик рече дека имаат планови со Министерството и премиерот да им помогнат на тимовите со цел, како што истакна, сами да се грижат за децата во иднина.
– Тимот од македонски професионалци поседува ентузијазам и мотивација и сигурни сме дека со време тие ќе бидат добар тим за децата со срцеви болести во Македонија, додаде Новик.
Министерот Тодоров истакна дека Меѓународната фондација на детско срце за своја мисија има да развива неонатална кардиохирургија во повеќе земји во светот.
– Во рамки на таа нивна мисија склучивме договор со Меѓународната фондација на детско срце во наредните три години четири пати годишно тимови да доаѓаат во Македонија, да бидат тука по две недели, ќе изведуваат кардиохирушки интервенции и паралелно ќе едуцираат наши доктори. Идејата е после овој период од три години да изградиме капацитети во македонското јавно здравство за самостојно да вршиме неонатални кардиохирушки интервенции, посочи Тодоров.
Доктор Владимир Чадиковски, кој е дел од тимот рече дека неонаталната кардиохирургија претставува врвот во хирургијата.
Директорот на Клиниката за детска хирургија Ристо Симеонов рече дека хирушкиот третман и интензивната нега и лекување се одвиваат на Клиниката за детска хирургија каде што имаат комплетно опремена хирушка операциона сала и интензивна нега со најсовремена опрема.
– Сите деца кои се оперираат се на возраст под девет месеци и сите се со комплексни вродени срцеви мани. По завршувањето на интензивното лекување на Клиниката за детска хирургија пациентите се префрлаат на Детската клиника, Оддел кардиологија каде се одвива натамошниот третман, додаде Симеонов.