Во Тетово и Гостивар по петти пат протести против поскапувањето на струјата

Од:

Во Тетово вечерва се одржа петтиот по ред протест на граѓанската иницијатива „Доста е“ поради зголемувањето на цената на електричната енергија. По повикот на социјалните мрежи, неколкуилјадната група граѓани се собра на градскиот плоштад во 19 часот, по што започна марш низ градските улици.

Крајна дестинација беше местото каде се наоѓаат објектите на компанијата ЕВН на излезот од Тетово.

Пред објектите на ЕВН имаше и кордон од полицајци, а групата застана пред нив. По неколкуминутно скандирање и извици, двајца од групата се приближија до оградата и фрлија стотици лажни банкноти од 100 евра.

Граѓаните бараат пониска цена на струјата за 46 отсто, укинување на регулаторната комисија, да се намали ДДВ од 18 на 5 отсто и да се формира независен арбитрарен орган кој ќе верификува квалитет на услуги и ги адресира поплаките на граѓаните од енергетските компании.

-Бидејќи сакаат многу пари и сакаат да крадат од народот сме донеле две вреќи со пари и ќе ги испразниме овде и можеби ќе бидат сити. Луѓето се гневни со поскапата струја и односот кон барањата. Од следната недела очекуваме интензивен притисок кон политиката и кон Собранието. И ќе бараме од сите 120 пратеници решавање на проблемот што е наметнат од регулаторната комисија и енергетските компании. Барањата остануваат исти, изјави Аријанит Џафери, претставник на иницијативата.

Неколку часа порано, во Гостивар, со краток протестен собир пред седиштето на ЕВН во Гостивар, група граѓани искажаа незадоволство против одлуката за поскапување на струјата. Организаторите на протестот, навивачката група „Кастриоти“, петтиот протест по ред го локализираа на помал простор, од центарот за култура па до корисничко енергетскиот центар Гостивар на ЕВН.

Селајдин Абдули од Движењето „Отпор“ од село Чегране во име на организаторот на протестот побара ЕВН да го зголеми бројот на наплатни места и шалтери за плаќање на сметки и да ги отвори експозитури во другите населени места.

Абдули во обраќањето ги повика сограѓаните од другите делови на Македонија да се приклучат на овие протести и да се спротивстават на цената на електричната енергија.

Би можело да ве интересира

Елиминирањето на конкуренцијата во изборот за универзален снабдувач граѓаните ќе ги чини стотици милиони евра повеќе за сметки за струја

А1он

Тошковски потврди дека советник назначен од него бил отстранет од Тетово – бара Внатрешна контрола да утврди зошто

Анита Петровска Рајковиќ

Полицајци кои не се контролирани од ДУИ да го напуштат штабот – „Вреди“ обвини дека началникот на Тетово го избркал советникот на министерот

Запалени две диви депонии во тетовско

За универзален снабдувач прифатена понудата на ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје и ЕВН Македонија АД Скопје

Зошто се тактизира со извештајот за избор на универзален снабдувач?

Орце Костов