Со голем моторизиран протест, активистите од Струмичкиот Регион в сабота во 11 часот ќе се обидат да го свртат вниманието на јавноста за конечната правна одлука за проектот со рудникот во Иловица. Свирежот од автомобилите и едночасовното возење низ струмичките улици ќе упати апел до Вишиот управен су дека активистите до крај ќе се борат да ја спречат изградбата на рудник во Иловица.
„И по спорната одлука на Управниот суд донесена за време на вонредната состојба, а во полза на ‘Еуромакс рисорсис’, ние веруваме дека Вишиот управен суд ќе донесе правилна одлука. Ќе се бориме до крај, и рудник за бакар и злато во Иловица нема да има. Моторизираниот протест е само почеток во низата активности што ќе ги преземеме“, велат за „А1 он“ активистите од „Здрава котлина“ и „Екодолина“.
Активистите ги поддржува и партијата на зелените ДОМ.
„Нашата поддршка за активистите кои се борат против изградба на рудникот ќе остане до крај. Сосема се согласуваме дека одлуката на Управниот суд е спорна и очекуваме дека државниот правобранител ќе поднесе жалба до Вишиот управен суд. Министерството за економија ја раскина концесијата со ‘Еуромакс рисорсис’ и затоа сметаме дека последната одлука на Управниот суд каде што е уважена жалбата на компанијата е скандалозна“, ни рече Маја Морачанин, претседателка на ДОМ.
Пред еден месец, со масовен собир на ливадата пред локацијата на Иловица-Штука, активистите на „Здрава котлина“ и „Екодолина“ исто така испратија порака до надлежните дека нема да дозволат отворање рудник за бакар и злато на ова место. По одлуката на Управниот суд, кој пресуди во полза на „Еуромакс рисорсис“, иако Владата во јануари донесе одлука за одземање на конценсијата на оваа компанија, активистите велат дека ќе ја бранат Иловица со жив ѕид и блокади.
Нивниот повеќегодишен активизам против компанијата „Еуромакс ресорсис“ повторно е интензивиран по одлуката на судечкиот совет на Управниот суд, кој на 31 март донел пресуда за уважување на тужбата на оваа компанијата која сака да гради рудник во селото Иловица.
Ваквиот тек на настаните доаѓа откако компанијата во октомври минатата година поднесе тужба до Управниот суд против решението донесено од второстепената државна комисија, која ја одби жалбата на „Еуромакс“.
Активистите се подготвени да приложат повеќе документи до јавните обвинителства на Македонија и на Канада, кои, како што велат, ќе ја докажат коруптивноста и вмешаноста на повеќе поранешни и актуелни функционери во овој слчај.
Од друга страна, пак, „Еуромакс ресорсис“ тврди дека досега вложил 50 милиони евра во подготовки за отворање на рудникот.
„Она што е пред нас не е одлуката дали тука треба да има рудник, туку кој ќе управува со него. Со почитување на принципот на владеењето на правото постои можност да се продолжи со развој на проектот и со тоа да ѝсе покаже на меѓународната заедница дека во државата владее пријателска клима за поттикнување странски инвестиции“, велат од „Еуромакс ресорсис “.
Ова доаѓа откако второстепената комисијата ја потврди одлуката на Министерството за економија за одбивање за барањето за експлоатација на „Иловица“. Претходно, Владата објави дека дозволата за „Иловица“ е одбиена бидејќи од „Еуромакс“ не биле доставени сите потребни документи за експлоатација согласно Законот за минерални суровини.