Мала група граѓани пред Собранието протестира против промена на Уставот и името на државата. Тие со транспаренти „Не ве гласавме за да менувате име“, „Оставка“, „Бојкотирам“ бараат пратениците да не ги поддржат уставните промени.
Демонстрантите го блокираа сообраќајот пред Собранието поставувајќи шатор и дел од клупите од паркот.
„Би им препорачал на сите пратеници да бидат херои, да не гласаат промена на името. Мислам дека опозицијата нема да даде поддршка, а се надевам дека пратениците на СДСМ, нема да гласаат, ќе им проработи совеста. Нема полошо од ова. Од овие издаици, утре децата ќе страдаат“, рече Слободан Анастасовски дел од протестот пред Собранието.
„Вас ви е местото во Идризово, да лупате камења. Со 57 гласа изгласавте терорист за претседател на Собрание“, извикуваат присутните пред Собранието.
„Започнуваме со мораториумски акции со блокади, поради притисокот и насилието на македонскиот народ и држава. Насилно сакаат да ја внесат Македонија во ЕУ и НАТО, со антицивилизациски политики. Со народна граѓанска непослушност ќе се обратиме против штетните политики на нелегитимната власт. Ги поставуваме блокадите на улицата пред Собранието, секој ден се до оставката на власта. Тоа е барање кое е доставено до Владата и Собранието. Националниот морсториум е уште една од мерките, зад која застануваме. Антимакедонското парламентарно мнозинство со нелегитимен претседател на Собрание, Талат Џафери и на Влада, Зоран Заев да постапст по нашите протесни барања. Ставаме мораторум, Собранието да не постапува по барањето на Владата за промена на Уставот. Мораторумските акции ќе ги шириме низ цела Македонија и државите низ светот каде живеат наши граѓани, со масовно учество“ посочи Ана Бобинкова-Мијаковска, организатор на протестот.
Пред Собранието може да се забележи и засилено полициско обезбедување.
Кристијан Ландов