Протерани албански државјани осомничени дека ја опожарувале дивата депонија кај Струга

Од:

Полицијата протера од земјата лица, државјани на Република Албанија, поради основано сомнение дека вршеле опожарување на дивата депонија за цврст отпад во Струга, која повторно гори.

Како што се наведува во соопштението од СВР – Охрид, полицијата пред два дена ги затекнала единаесетте албански државјани на депонијата во Струга каде имале направено импровизирани живеалишта и од каде собирале пластичен отпад. Истиот ден, поради можна поврзаност со случениот пожар на депонијата, биле повикани на разговор во полициската станица во Струга.

Целокупната постапка била водена по консултации и согласно насоки од Јавниот обвинител, по што по основ на нелегален престој и работа во Република Македонија, Одделението за прекуграничен криминал при Регионалниот центар Запад, им поднел соодветни пријави.

По претходно изречена опомена од Основниот суд во Струга и поднесени пријави за илегален влез во Република Македонија и нелегална работа, струшката полиција ги спровела албанските државјани до граничниот премин од каде биле протерани од земјата.

На сите им е изречена и забрана за влез во државата во рок од една година.

Во меѓувреме екипи на противпожарната служба, со помош на механизација и вработени во струшките јавни претпријатија и фирми се обидуваат да ја изгаснат опожарената депонија од каде повторно се крева токсичен чад што го загадува воздухот и шири непријатна миризба.

Дивата депонија во Струшко поле во неколку наврати изминатиот период гореше, предизвикувајќи незадоволство кај локалното население. Граѓаните на Струга и околината организирани во повеќе граѓански иницијативи одржаа неколку протести за итно решавање на проблемот со дивата депонија лоцирана во непосредна близина на градот.

Активистите на Граѓанската иницијатива „Доста е“ што ги предводеше протестите предупредуваа дека депонијата веќе десетина години е извор на загадување и причина за тешки заболувања кај граѓаните на Струга и околните места, со тврдење дека нивниот број е во пораст.

Тие во меѓувреме до надлежните институции испратија барање во три точки, со инсистирање веднаш да се изнајде нова локација за одлагање на отпадот, целосно затворање и конзервација на дивата депонија, како и разработување методи за намалување на отпадот и негова селекција.

Надлежните институции најавија дека конечното решение за проблемот со одлагањето и третманот на отпад од Струга и околината ќе се бара во регонална депонија, чија изградба би се реализирала преку соработка со приватни инвеститори или, пак, преку озбезбедување средства од претпристапните фондови на Европската унија.

Би можело да ве интересира

Претрес во Штип, пронајдена дрога

Предраг Петровиќ

МВР уапси двајца крадци кои краделе домашни животни

Кривична за стружанец поради предизвикување пожар, запалил трева и ѓубриште, па си заминал

Пуштиле осуденик на слобода зошто немало место во затвор, кривична за тројца битолски полицајци

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Кузеска: Бројни советници по кабинети, масовна партизација на грбот на граѓаните и во МВР

Горан Наумовски

Левица: Министерот Лимани ги остави градинките во Струга без кадар

Горан Наумовски