Безживотното тело на 73-годишниот Б.Ц. од Јегуновце денеска околу осум часот е пронајдено на ливада покрај земјениот локален пат што ги поврзува селата Јегуновце и Пршовце во близина на тамошната чешма.
Портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски информираше дека телото е пронајдено од страна на неговиот 36-годишен роднина, кој му бил сосед во селото. Тој вчеравечер во 20 часот и 30 минути пријавил дека во неделата околу 9 часот Б.Ц.од куќата во која живеел сам се оддалечил и не се вртил назад и оти наводно заминал кон Тетово.
– Местото е обезбедено од полициски службеници на СВР Тетово, а подоцна е извршен увид со учество на јавен обвинител и лекар по судска медицина. Безживотното тело на Б.Ц, според утврденото во увидот во значителна мерка било изгорено, додека на два-три метри оддалеченост од него се наоѓала пластична канта со непозната запалива течност и запалка кои се фотодокументирани, подигнати и ќе се вештачат, изјави Јосифовски.
По наредба на јавен обвинител, ќе се изврши обдукција на телото на починатиот. Се превземаат мерки за расчистување на случајот.