Промовирана мобилна гинеколошка амбуланта за сексуално и репродуктивно здравје

Од:

Мобилна гинеколошка амбуланта за сексуално и репродуктивно здравје е промовирана денеска во кругот на Министерството за здравство. Станува збор за возило набавено од Министерството, со средства од Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА, а во соработка со невладината организација ХЕРА.

Министерот за здравство Никола Тодоров изјави дека во мобилната гинеколошка амбуланта ќе се обезбедат гинеколошки услуги во повеќе рурални области низ Македонија и во неа ќе може да се направи ПАП тест, гинеколошки основен преглед, ЕХО и вагинално и абдоменално, како и да добијат советување за сексуално преносливи инфекции и бесплатна контрацепција.

Тој посочи дека возилото е комлетно опремено со гинеколошки стол, Ехо апарат, клима уред, агрегат за електрично напојување и неговата првенствена улога не е да биде поставено во централни градски подрачја туку во тешко достапни рурални места.

– Од ХЕРА е обезбеден и микроскоп кој може да биде инсталиран внатре и со кој може да се даваат и друг тип здравствени услуги, како што се дерматовенеролошки услуги и да биде опфатена и машка популација. Идејата е сериозно да инвестираме во превенција која секогаш се исплати. Ова е еден одличен проект кој е насочен во тој правец, рече Тодоров.

Нагласи дека жените од руралните места обично не прават гинеколошки прегледи и потоа доаѓаат директно во терцијарно ниво како многу тешки здравствени случаи, а тоа, како што рече, финансиски многу го оптеретува системот и многу често може да заврши фатално.

– Имајќи ги предвид овие работи се одлучивме за еден ваков проект кој постои и во други земји во Европа. Очекуваме да има интерес и сите жени особено оние во репродуктивен период, да пристапат и на еден добар начин да гледаат на овој проект и да се приклучат кон нашата идеја за подобра и пошироко опфатена превенција. Проектот чини околу 300.000 евра. Набавката на ова возило е околу 40 илјади евра и оди преку грант од Глобалниот фонд кој е обезбеден до невладината организација ХЕРА, додаде Тодоров.

Извршниот директор на ХЕРА, Бојан Јовановски рече дека ова е иновативен модел на нудење на гинеколошки услуги односно услуги за сексуално и репродуктивно здравје кои ќе бидат директно во заедницата во подрачја кои се тешко достапни и се однесува на жени кои се во репродуктивен период првенствено, значи популација меѓу 18 и 49 години.

– Сите услуги кои ќе се нудат тука ќе бидат бесплатни, анонимни и доверливи. Што значи ќе имаат можност да пристапат сите оние жени кои имаат потреба, а особено оние кои можеби се уште немаат избрано матичен гинеколог или имаат потешкотии во однос на најблиската гинеколошка ординација, како што се руралните средини. Во првата фаза ќе се реализираат активности во шест општини-Гостивар, Тетово, Куманово, Делчево, Струмица и Охрид. Се надевам дека зависно од интересот услугите ќе бидат проширени и во други општини, истакна Јовановски.

До крајот на оваа година, посочи тој, околу 500 клиентки ќе ги добијат пакет од услуги, како што се ПАП тест, гинеколошки основен преглед, ултразвучен преглед, кламидија тест, за советување сексуално преносливи инфекции, како и бесплатна контрацепција.

– Во проектот ќе се вклучат и локални невладини организации и патронажни сестри кои дополнително ќе идентификуваат и регрутираат жени на кои овие услуги им се најпотребни, додаде Јовановски.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство