„Реформи во одбраната“ е насловот на книгата што денеска беше промовирана во Домот на АРМ во Скопје, а претставува резултат од истражувањето на Оливер Бакрески, Димче Петровски, Ванчо Кенков, Мухамет Рацај, Александар Главинов, Рина Киркова, Тања Милошевска, Ненад Танески, Горан Зенделовски, Сергеј Цветковски и Игор Ѓорески.
Проф.д-р Трајан Гоцевски и прв министер за одбрана на Република Македонија во денешната негова рецензија истакна дека заклучоците во книгата се темелни, сеопфатни и насочувачки со визија која дава одговор за тоа каде треба да се движиме во иднина во модернизацијата на одбранбениот систем на РМ. Тој појасни дека истражувањето од првите денови од осамостојувањето на Република Македонија, формирањето на АРМ и нејзиниот развој со сите реформи и достигнувања е клучната работа на тимот еминентни научни работници, при што е користена и релевантна најнова домашна и странска литература, како и базични документи со кои е уредена обваа област во државата.
Според проф.д-р Лидија Георгиева од Институтот за безбедност и мир, не може да се најде унифицирано, заедничко, конзистентно решение што се подразбира под реформи на безбедносниот сектор. Оттука, рече, следуваат и многу други отворени прашања: како се практикуваат овие реформи, дали се потребни брзи реформи и кои се ефектите кои тие би ги дале.
– Изработката на вакви комплексни студии не е лесно и одноставно. Ги допревме сите клучни аспекти и проблеми кои се поврзуваат со одбраната, кога станува збор за реформите во одбраната. Немавме дилема дека се потребни во одбраната, затоа што го апсолвиравме дека реформите се континуиран процес. Напротив централното прашање беше какви реформи се потребни, како се концептуализира одбраната, во која насока треба да се развива, рече проф.Оливер Бакрески.
Генерално, појасни тој, идејата околу проектот беше да отвориме голем број прашања, да дадеме голем број одговори, но и да поттикнеме голем број размислувања и сите тие да бидат во насока како да се детерминираат идните проекции и развојот на одбраната во РМ.
– Еден од основните проблеми е дали политичкото и военото раководство се особено доследни во нивните намери да ги спроведат реформите во целост или имаат само декларативни заложби. Каква е улогата на цивилното општество на невлдиниот сектор, на медиумите на граѓаните, затоа што сите тие треба да се вклопат во приказната за реформите во одбраната, рече Бакрески.
Директорот во ГШ на АРМ генерал Димче Петровски истакна дека одбраната не е само цивилна и воена категорија, туку таа е во функција на државата и треба сите да дадат придонес за да можат решенијата од разните реформски процеси бидат соодветни на тоа што државата очекува.