Модернизмот во бугарската и во македонската литература е многу значајна и интересна тема, особено кога се гледа модернизмoт во две земји коишто поминале низ претходен општествено економски систем каде што дебатите околу модернизмот биле идеолошки предодредени, каде се сметале дека тоа е туѓо влијание и се отфрлале од иеолошки причини.
Ова денеска го истакна преседателот на Македонската академија на науките и уметностите академик Таки Фити на завршната промоција на зборникот „Модернизмот во бугарската и во македонската литература“ во МАНУ кој претставува заеднички проект на Македонската и Бугарската академија на науките.
Според директорката на Институтот за литература на БАН Елка Трајкова овој зборник е прво литературно дело на двете академии откако е започната соработката.
– Зборникот е резултат на две научни конференции во Охрид и Софија. Собраните научни дела во Зборникот го опишуваат модернизмот во двете литератури како европска целост. Престставени се две различни научни концепции во рамките на еден многу продуктивен дијалог во кој се истакнати разликите и сличностите на нашите две литератури, истакна Трајкова.
Потенцира дека зборникот создава едно отворено интердисциплинарно поле во кое се сретнуваат критички наметнати културни и научни стереотипи.
Раководителот на проектот од бугарска страна Александар Јорданов информира дека идејата за заедничкиот зборник се јавила пред три години во градот Сандански во Бугарија каде во разговор со академик Милан Ѓурчинов договориле почеток на проектот.
Јорданов појасни дека зборникот се состои од три дела. Во првиот се претставени развојните особености на модернизмот во двете литератури при што се вклучени извештаи од научната конференција во Охрид 10-12 април 2014 година. Во вториот дел претставени се излагања на писатели од научната конференција во Софија која се оддржа на 26 и 27 септември 2014 година, а во третиот дел кој е наречен „И одново за модернизмот“ вклучени се истражувања на научници од Македонија и Бугарија кои учествувале во проектот.
Академик Милан Ѓурчинов кој е автор на книгата од Македонија во воведниот збор на заедничкиот проект на МАНУ и БАН истакнува дека книжевноста е духовно-уметничка сфера во која најцелосно и најтемелно се содржани идеи, пораки и сугестии, кои денес ги дефинираме како европски вредности.
– Подемот на модернизмот и покрај бројните сличности, но и разлики се покажува како најсодржаен и најплодотворен за отворање кон светот на сите народи и нивното културно и книжевно наследство, за нивните контакти, комуницирање и освојување на соодветните патокази и дострели, истакнува Ѓурчинов.
Со ваквите истражувања, потенцира тој, се афирмира идејата за блискоста на двете балкански држави и се нагласува неопходната конвергенција за меѓусебната соработка и зближување на сите балкански литератури денес и во иднина.