Промовиран првиот национален извештај за перформансите и реформите во правосудството

Од:

Ефикасноста, транспарентноста и отчетноста, квалитет на судската правда, независноста и непристрасноста, професионален развој и соодветна застапеност, се петте клучни области кои се евидентирани во првиот национален извештај за перформансите и реформите во правосудството, што денеска беше презентиран од Центарот за правни истражувања и анализи.

Состојбата со ефикасноста, како што е наведено во извештајот, укажува дека и покрај недоволно развиената инфраструктура и недостаток на кадри во судската служба, судовите покажуваат високо ниво на ефикасност во работењето.

Во делот на судската правда сé уште не постојат соодветни критериуми за нејзина проценка, а непристрасноста на судството е сé уште на ниско ниво, но постои тренд на создавање механизми за нејзино конзистентно обезбедување, се вели во извештајот. Забележана е и делумна независност на судството, која е условена од финансиски и политички фактори.

Во однос на транспарентноста и отчетноста пак, посочена е потребата за поголемо вклучување на јавноста во Судскиот совет.

Министерката за правда Рената Дескоска на денешното промовирање на извештајот рече дека „само она што се мери, може да се унапреди“ што, како што посочи е и начелото по кое се водат во Министерството за правда во превземањето на сите мерки во сферата на правосудството.

Презентираните наоди од денешниот Извештај, рече Дескоска, ќе бидат корисни и земени предвид при изготвување на реформите во судството и нивното преточување во конкретни законски решенија.

Заменик амбасадорот на Велика Британија во Скопје, Доминик Отвеј на промоцијата меѓу другото рече дека јазикот на владеењето на правото е ист во сите земји.

-Реформите во правосудството и владеењето на правото се особено важни за цела Северна Македонија, за регионот и за целиот Балкан. Мило ми е што ја добивте поканата да се вклучите во НАТО. Нашата Влада ќе ја ратификува таа покана во наредните неколку месеци и се надеваме дека ќе се вклучите во НАТО наредната година. Амбицијата за вклучувањето во НАТО и ЕУ е поддржана од народот во Северна Македонија, рече Отвеј.

Претседателот на Здружението на судии, Џемали Саити, посочи дека од извештајот може да се види дека има подобрување на квалитетот во пресудите на судовите, како и тоа дека се преземаат чекори што ги задоволуваат и другите параметри во однос на независноста и ефикасноста. Додаде дека сепак останува да се завршат уште многу работи на ова поле.

Тој смета дека оваа анализа ќе биде корисна како во Министерството за правда, во Владата, во Здружението за судии и во судовите во иднина да се поправат слабостите и да се подобри нивното функционирање.

Со цел да се добие вистинска слика околу перфомансите на правосудството, како што посочи програмскиот раководител од Центар за правни истражувања и анализи, Жарко Хаџи-Зафиров, во овој процес учествуваа повеќе од 3.000 испитаници – судии, судска служба, јавни обвинители, адвокати, нотари, извршители, државни правобранители, медијатори и физички лица како странки во судски постапки.

Извештајот е резултат од првото национално мерење спроведено преку Матрцата на индикатори за следење на правосудните реформи, која е предвидена како механизам во Стартегијата за реформа на правосудството 2017-2022 година во делот на Стартешкото планирање и креирање на политиките.

Извештајот е подготвен во рамки на проектот „Подобрување на транспарентноста, правната сигурности ефикасноста во судскиот систем во Македонија“ имплементиран од Центарот за правни истражувања и анализи, а е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Би можело да ве интересира

Претседателот може да помилува само осудени, не и кривично гонети: Предлог законот за помилување во Собрание

A1on

Правосудството во 2023 – од одложена, до застарена правда

Горан Наумовски

Лога: Очекувам брза екстрадиција, списите денеска ќе ги пратиме по електронска пошта и преку амбасадата

Александар Тодески

Обвинителството реагира до Лога: Дел од забелешките за Извештајот се неточни, Јовески е спремен да одговори согласно закон

Александар Тодески

Министерство за правда: Законот за амнестија нема да се носи со европско знаменце

Горан Наумовски

Министерството за правда ќе врши надзор над системот за електронска распределба на предметите во јавните обвинителства