Институтот за истражување на образованието од Варшава и Министерството за образование и наука на РМ во наредните шест месеци ќе спроведувааат проект за поддршка на модернизацијата на системот за постсредно образование. Вкупниот буџет е 250.000 евра, од кои 85 отсто се од Европската унија преку ИПА-програмата, а 15 проценти се национално кофинансирање.
Проектот треба да заврши на крајот од февруари 2017, а денеска беше промовиран во седиштето на ЕУ во Скопје. Главна цел е да го поддржи развојот на човечките ресурси преку модернизирање на системот за образование и обука. Посебен фокус е унапредувањето на постсредното образование за што ќе се ажурираат стратешките документи и ќе се ревидира законодавството во областа на Националната рамка за квалификации.
Тим од 16 експерти – главно од полскиот Институт за истражување на обрзованието, како и од други земји на ЕУ (Хрватска, Австрија, Луксембург и Чешка) во наредните месеци во соработка со МОН ќе ги посетуваат средните стручни училишта низ Македонија (седум се веќе посетени минатата недела). Активностите ќе опфатат состаноци, работилници, обуки, советувања… чија главна цел е да се подигне свесноста за важноста на овој сегмент од образованието. Притоа ќе бидат вклучени сите засегнати страни/чинители кои ќе придонесат за заживување на постсредното образование. Ваквиот приод е применет во Полска и дал добри резултати.
Агњешка Хуон-Доминчак од полскиот Институтот за истражувања во образованието, кој е лидер во овој проект, на презентацијата истакна дека се работи за прашање кое е од големо значење за пазарот на трудот во Македонија затоа што има висока стапка на невработеност и висока стапка на млади невработени луѓе. Посочи дека во шестмесечниот проект ќе биде воспоставен дијалог со работодавачите и со давателите на стручно образование и обука.
– Квалитетно постсредно образование е важно за младите луѓе да ги стекнат потребните вештини за полесно да најдат работа на пазарот на трудот. Работодавачате не информираа дека недостатокот на вештини е една од главните пречки при вработување и за развојот на компаниите. Во одговорот од работодавачите, недостатокот на потребните вештини учествува со околу 60 проценти, а околу четвртина од работодавачите кажале дека има многу малку лица кои се пријавуваат на огласите. Ако ги земеме овие две работи заедно, тоа изнесува околу 80 проценти од причините на кои се должат потешкотиите при вработувањето. Целта на овој проект е да ја подобри ситуацијата, рече Хуон-Доминчак.
Проектот го поздравија министерот за образование и наука Пиштар Лутфиу, полскиот амбасадор во Македонија Јачек Мултановски и Никола Пертолини, раководител на секторот за оперативни прашања во Делегацијата на ЕУ.
– Следните шест месеци ќе бидат доста интензивни и доста значајни, пред се затоа што идните насоки за реформирање на македонското постсредно образование ќе се зацртат во концепција во која ќе се предвиди активно учество на социјалните партнери и целосно усогласување на Националната рамка за квалификации. Со вложување во постсредното образование ќе се отворат нови можности за учениците и лицата кои сакаат да се вратат во образовниот процес со цел да ги унапредат своите вештини и знаења кои се барани на пазарот на трудот, рече Лутфиу.
Амбасадорот Мултановски рече дека ова е втор твининг проект од областа на образованието во кој лидер е Полска што, како што рече, ја покажува силната посветеност на експертите од неговата земја да ги споделат своите искуства со земјите кои се аспиранти за членство во Унијата.
– Веќе две години работам тука и задоволство ми е што врските меѓу Македонија и Полска стануваат се поцврсти, вклучувајќи ги врските од двата проекта – овој и претходниот – за развој на Националната рамка на квалификации. Развојот на вистинските вештини, особено во стручното образование, е еден од приоритетите во агендата за нови вештини во Европа. Подобри вештини и квалификации се од суштинско значење за Европа да стане покомпетитивна на глобалниот пазар, рече амбасадорот на Полска во Македонија на официјалниот почеток на проектот за поддршка за модернизација на системот за постсредно образование.