Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Макeдонија по втор пат ја претставува туристичката понуда на Македонија на најголемиот Саем за туризам што се одржува во Лондон.
Делегација од Македонија предводена од директорот на Агенцијата, Лела Крстевска, оствари бројни средби со директори на владини агенции за туризам од Нигерија, Гватемала, САД, Унгарија, Белорусија, Словачка, Сејшели и други.
На овој глобален настан, соопшти Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Макeдонија, искористена е можноста да се покани новинарот на CNN, Ентони Борден (автор на книги за кулинарство и светски познати кулинарски шоуа) да ја посети Македонија и да ги почувствува вкусовите на автентичните македонски специјалитети кои нема можност да се вкусат низ рестораните ширум Македонија.
Борден изјавил дека со задоволство ќе ја разгледа можноста во 2016 година да дојде во Македонија и во неговото телевизиско шоу за патување и храна на CNN – Anthony Bourdain: Parts Unknown, да ја претстави нашата земја.
За популаризација на Македонија, легендата на англиското новинарство и добитникот на бројни признанија и награди, Џон Симпсон, и покрај тоа што пред многу години бил во посета на Македонија, на покана на Агенцијата, се согласил повторно да гостува во Македонија.
За време на Саемот, како што се наведува, дискутирана е и можноста за посета на туристи од Белорусија (кај кои е детектиран интерес за културен и религиозен туризам во Охрид), но и можноста за воведување чартер летови Минск-Охрид во септември-октомври и март-април, како би се продолжила туристичката сезона во Охрид.
Заменик-министерот за спорт и туризам на Белорусија, Микхаил Петрович, за таа цел заедно со претставник на тур-операторот Belorus, го посети штандот на Република Македонија, каде присутните македонски тур-оператори ги информираа за програмите кои ги нудат во поглед на овој тип на туризам.
Белоруските тур-оператори главно се заинтересирани за хотели од пониска категорија и програми во кои би биле опфатени неколку места за посета. Нашите агенции презентираа достојна понуда, изјави директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Макeдонија, Лела Крстевска.
За размена на туристички искуства меѓу Македонија и Германија, Крстевска дискутирала и со претставници на BBC World News, со кои дополнително разговорите ќе ги продолжи деновиве.
Од Агенцијата информираат дека за приближување на Македонија до далечните пазари како Кина, Кореја и Индија, за време на Саемот во Лондон, Крстевска се сретнала со Даниела Вагнер од интернационалната компанија „Connecting travel” со која дискутирала за можноста за отворање на нови пазари.
Македонија од 1 ноември се најде и на насловната страна на каталогот на Balkan Holidays за 2016-та, каде се нудат 7 дневни пакети за Охрид, а првите туристи од Англија се очекува да пристигнат во 2016 година. Меѓу многубројните состаноци и средби, остварена е и средба со претставници на ТАВ-Истанбул, со која се дискутираше за нови авионски конекции, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.