Законодавниот дом ја заврши првата фаза од постапката предвидена според деловникот за измени на Уставот. Претседателот на Собранието, Талат Џафери ѝ даде рок на Владата од 15 дена да достави нацрт-амандмани. Но ова не значи дека мора да се чека последниот рок.
Заев најави дека ќе има 4 амандмани, но процедурата може да ја усложни групата опозициски пратеници кои го поддржаа владиниот предлог за уставни измени, но побараа дополнителни амандмани. Претходно и Зијадин Села од Алијансата за Албанците најави амандмани што се однесуваат на положбата на Албанците во Македонија.
Текстот на нацртот на амандманите на Уставот со образложение, предлагачот го доставува до претседателот на Собранието кој го доставува до пратениците и до претседателот на Републиката, најдоцна 30 дена пред одржувањето на седницата на Собранието.
Претресот во Комисијата за уставни прашања и во Законодавно-правната комисија може да трае најмногу три работни дена по текстот на нацртот на секој амандман одделно. Член на Комисијата за уставни прашања и на Законодвно-правната комисија и пратеник во текот на претресот може да говорат повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.
Истите рокови се и за дебатата во пленарната сала. По утврдувањето за нацрт-амандманите, за што се потребни 61 пратенички глас за секој амандман одделно, тие одат на јавна дискусија, што претставува една меѓуфаза пред третата завршна етапа од постапката за измена на Уставот.
Собранието определува рок за спроведување на јавната дискусија, која според најавите ќе трае 15 дена, потоа начинот на објавувањето на нацртот на амандманите и рок во кој предлагачот како носител на јавната дискусија до Собранието поднесува извештај за резултатите од јавната дискусија и текст на предлогот на амандманите на Уставот.
Од моментот на доставување на предложените амандмани до Собранието до пленарната седница за завршување на третата и последната фаза, мора да поминат најмалку 30 дена.
По текстот на предлогот на секој амандман на Уставот се води општ претрес и претрес по текстот кој може да трае најмногу три работни дена. Пратеник во текот на општиот претрес и во претресот по текстот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.
Амандманите за измена на Уставот се донесуваат со двотретинско мнозинство Одлука за измена на Преамбулата, Собранието донесува со двотретинско и со Бадентерово мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во кое мора да има мнозинство гласови.
Напоредно тече и постапката за донесување на уставен закон за спроведување на Уставот
Право да предлага донесување на уставен закон има претседателот на Републиката, Владата и најмалку 30 пратеници. И за Уставниот закон се неопходни 80 пратенички гласови.
Ако постапката се одвива според најкусите можни рокови, за финализирање на сите, најоптимистичката варијанта е дека уставните измени ќе бидат усвоени кон средината на јануари.