„Професорскиот пленум најостро го осудува поставувањето на плакатите што вчера наутро осамнаа низ повеќе градови и во средни училишта, на кои се наведени имиња на активисти од Средношколскиот пленум. Пленумот смета дека е срамно и подмолно на ваков начин да се шиканираат средношколски ученици и да се повредува нивната приватност, и цени дека ваквата постапка кон малолетни лица е недозволива и грозоморна.
Професорскиот пленум ја изразува својата комплетна поддршка на Наставничкиот и Средношколскиот пленум во насока на решавање на наталоженните проблеми во основното и средното образование. Извојуваната битка за сосема НОВ закон за високо образование неодложно поттикнува промени и на Законот за средно и за основно образование. Токму во таа насока сакаме да ги охрабриме нашите колеги професори, наставници и ученици во нивната борба за квалитетно средно и основно образование.
Драги професори и наставници, знаеме со какви шиканирања се соочувате. Ги знаеме сите последици и апсурдности и од екстерните тестирања, чии резултати не само што не даваат објективна слика за знаењето на учениците, туку и ве принудуваат да им робувате на наметнати образовни форми кои неповратно ги осиромашуваат и деградираат вашите наставни програми. Вашите залагања се јасни и тие се нераскинлив дел од нашите. Пред нас е период во кој ќе мораме сите заедно да се избориме за она што е најважно во креирањето на иднината на сите нас – образованието.
Основното, средното и високото образование се нераскинливи едно од друго. Тие претставуваат целина. Новиот закон за високо образование треба да рефлектира и да иницира сам по себе измени и во законот за основно и за средно образование. Професорскиот пленум целосно стои зад вас – зашто нашата цел е иста. Сакаме квалитетно образование за нашите деца“, се вели во соопштението на Професорскиот пленум.