Гимназиите веќе не се најпривлечни за учениците

Од:

Најбарани струки на двете пријавувања во јунскиот уписен рок се од економско-правниот сектор, како и машинство и електротехника во кој влегуваат и ИТ-квалификациите. За разлика од минатите години, оваа година има интерес и за занимања од угостителскиот и од секторот шумарство и обработка на дрво, како келнери и готвачи, техничари за мебел и ентериер за кои, во повеќето средни стручни училишта низ земјава, местата се пополнија уште во првиот рок.

Стручно образование годинава избрале две третини односно 10 277 ученици или 66,4 отсто од вкупниот број запишани (15 481 ученик) во прва година за учебната 2023/2024. Во гимназиите се запишани 4603 или 29,7 проценти и 3,8 отсто во уметничкото образование и спортската гимназија.

Од резултатите се задоволни од Стопанската комора на Република Северна Македонија која 15-ина години укажува дека образованието мора да ги следи потребите и трендовите на економијата и дека е важно да се продуцира кадар „поткован“ со вештини и компатибилен на пазарот на трудот.

Наташа Јаневска, проектен менаџер во стручната служба во Стопанската комора на РСМ, за МИА вели дека во сиот тој период Комората преземала низа активности за измена на перцепцијата дека уписната политика и образовните програми треба да се креираат според потребите на реалниот сектор.

-Овие активности се интензивираа во последните две години со кампањата „Учи паметно, работи стручно“ која ја реализираше Министерството за образование и наука во соработка со Стопанската комора, а со поддршка на Швајцарската амбасада преку проектот „Образование за вработување“. Кампањата поттикна дијалог помеѓу образовните институции, од една страна, и работодавачите, од друга страна, за креирање образовни програми за квалификации според барањата на работодавачите и реализација на практична обука на реално работно место. И резултатот стана видлив со зголемен број запишани ученици во стручното образование, изјави Јаневска.

Согласно со трендовите, се намалува интересот за некои струки поради неатрактивност. Па така, интересот за уписи на полуматурантите е сѐ помал за тригодишните квалификации од различни сектори, како што се текстил, кожа и слични производи во кои припаѓа и чевларската индустрија.

-На пазарот на труд сѐ повеќе се бараат бравари, заварувачи, месари, касапи, електричари, текстилни техничари, а се запишуваат сѐ помал број ученици. Затоа ние, како Комора, во подготовката на Дигиталниот саем за подигање на атрактивноста на стручното образование, кој се емитуваше пред уписите на полуматурантите во средното образование, ги претставивме оние сектори за кои има најмал интерес за упис во стручното образование и покажавме дека работните процеси во текстилната или чевларската индустрија или во дрвопреработувачката не се изведуваат мануелно како порано, туку процесите се веќе модернизирани со современи машини и технологија за кои е потребен образовен кадар за да може да управува со нив, појаснува соговорничката од Стопанската комора.

Стручното образование во изминатите неколку години се промовира и со воведеното дуално образование во некои училишта, во соработка со компании.

Целта, вели Јаневска, не е во сите струки да се имплементира дуалниот модел на образование, бидејќи образовните програми за овој вид стручно образование се креираат според потребата и на барање на работодавачите.

Дуалното образование како пилот-проект беше воведено во СЕТУ „Михајло Пупин“-Скопје во 2017 година во соработка со ЕВН Македонија АД, за квалификацијата електричар-електромонтер – прва образовна програма креирана според барањата на таа компанија. Проектот беше познат како „20-20-20“ (20 ученици во 2020 година веднаш ќе се вработат во компанијата и ќе земаат 20.000 денари плата).

Следната (2018) година беа отворени дуални паралелки и во компаниите Дрекслермаер Македонија со СОУ „Киро Спанџов-Брко“ од Кавадарци и компаниите Костал, ОДВ-Електрик и ЛТХ Леарница со ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид за квалификацијата техничар за индустриска мехатроника од електротехничката струка.

Консултациите со компании, стопанските комори и локалните самоуправи кои ги организира Министерството за образование и наука во рамки на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ денеска продол

-Нашата заложба е да вклучиме што поголем број компании во стручното образование каде учениците ќе го реализираат процесот на учење преку работа, кој е задолжителен за сите струки и квалификации. Само за појаснување, разликата со дуалниот модел на образование е во бројот на часовите на реализација на учењето преку работа и промената на работодавачот, рече Јаневска.

За позитивните ефекти од дуалниот модел се задоволни и во Министерството за образование и наука кое, заедно со Комората и локалните самоуправи и со поддршка од Амбасадата на Швајцарија, три години организира засилена кампања „Учи паметно, работи стручно“ со цел стручните профили и квотите во училиштата во конкурсот за упис во средно да се одредат според потребите и потенцијалите што ги имаат самите општини и тамошните компании.

Вкупно 6475 места за ученици во 259 дуални паралелки се предвидени во Конкурсот на МОН за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2023/2024 година.

-Во изминатите три години, концептот на дуално образование го прифатија 61 училиште во државава, а почнавме со само осум училишта. Во учебната 2020-2021 имаше 11 паралелки во кои се реализираше дуалното образование со вкупно 98 ученици. Во учебната 2021-2022 имаше вкупно 97 дуални паралелки со 1486 ученици. Во учебната 2022-2023 имаше 225 дуални паралелки со 3228 ученици. Или, вкупно, во овие три години во дуално образование се запишаа над 4800 ученици. Бројот на компании кои прифатија да бидат дел од образованието на младите, гледајќи во нив потенцијална квалитетна работна сила, се зголеми од 16 на 450 компании за само три години, велат од МОН за МИА.

Министерството за образование и наука денеска информира дека почнува процес на консултации со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови профили и

Министерството обезбеди и дополнителна стимулација за да се зголеми интересот за овој тип на образование, со воведувањето 1500 стипендии за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки.

За поголема вклученост на ученици во практична обука кај работодавач и унапредување на квалитетот на стручното образование, во функција на барањата на пазарот на трудот, се зајакнува и соработката меѓу стручните училишта и компаниите.

Директорот на Центарот за стручно образование и обука (ЦСОО) Шериф Мифтари вели дека вештините се двигател за развој на општеството и затоа, во соработка со клучните засегнати страни, континуирано реализираат активности за истражувања, анализи на развојни трендови во стручното образование и на извештаи за потреби од вештини на пазарот на трудот и занимања по сектори.

-Согласно законската регулатива, нашиот Центар го развива стручното образование и обука заради усогласување на потребите со современиот технолошки и општествен развој, го поддржува социјалното партнерство на сите нивоа и фази во планирањето, развојот и реализацијата на стручното образование и обука, го поврзува образованието и работата во контекстот на доживотно учење, изјави Мифтари за МИА.

Наведува дека ЦСОО има изготвено наставни програми за сите квалификации од четиригодишно и тригодишно образование од 14 струки односно сектори.

-Вкупно се изготвени наставни програми за сите учебни години за 54 квалификации од четиригодишно образование и за 36 квалификации од тригодишно образование. По имплементацијата на „Учи паметно, работи стручно“ не се појави значителна потреба од нови квалификации на пазарот на трудот, но преку оваа кампања тој подобро ги препозна занимањата кои се во рамки на соодветните квалификации. Со познавање на занимањата се овозможи зголемување на бројот на работодавци кои покажуваат интерес да примат ученици за практична обука, гледајќи ги младите како потенцијална работна сила за нивно подоцнежно вработување. Со мала интервенција во наставните планови во речиси сите квалификации, односно со зголемување на процентот на учење преку работа кај работодавачот и внесувањето на учењето преку работа од втора година во четиригодишното образование, стручното образование од ден на ден станува сѐ попривлечно за учениците, а работодавачите ги отвораат вратите за нивно прифаќање во своите редови, со што обезбедуваат и идна работа сила, истакна Мифтари.

Меѓу новите квалификации воведени во последните неколку години директорот на ЦСОО ги посочува: техничар за е-трговија и дигитален маркетинг во секторот економија, право и трговија како потреба детектирана од секторската комисија и фармацевтски техничар за фармацевтска индустрија согласно потребите на конкретен работодавач.

-Воведувањето нови квалификации во формалното образование се врши согласно добро елаборирана иницијатива по извршена анализа на пазарот на трудот на локално ниво или, пак, согласно потребите на конкретен работодавач/компанија преку искажана потреба за човечки ресурси со специфични компетенции кои не се опфатени со квалификациите во формалното образование. Со интервенциите во системот, тежнееме да го направиме стручното образование флексибилно, релевантно на пазарот на трудот бидејќи само така ќе градиме човечки капитал кој лесно ќе најде место на пазарот, посочува Мифтари.

Од побарувачката на пазарот на трудот зависи и опстојувањето на некоја квалификација. Доколку не се вработува кадар од одредени профили, вели тој, интересот се намалува, а квалификациите природно згаснуваат.

-Се забележува секоја година раст и интерес за одредени квалификации, а за други постепено опаѓање. Оваа година е сменет интересот за одредени квалификации за кои порано имаше голем интерес, тоа е затоа што потешко се снаоѓаат на пазарот на трудот, додава директорот на Центарот за стручно образование и обука.

Би можело да ве интересира

Средношколците ќе учат до 10-ти, a основците до 17 јуни, ќе се одлучува како ќе се надоместат двете неработни среди за изборите

Преполовен бројот на новите средношколци во Струмица

Берин Мухамед нов претседател на Сојузот на средношколци

Ана Ололовска

Сојузот на средношколци ќе избира нов претседател и Извршен одбор

Ана Ололовска

Сојузот на средношколци поднесе иницијатива до Уставен суд, сите средношколци да имаат бесплатен јавен превоз

Објавен Конкурсот за запишување ученици во средно образование за учебната 2023/2024 година