Богданчо Гогов: Недозволиво е специјалци да загинат од снајперски куршум, на полицијата и фалеле информации

Од:

Акцијата на МВР во Куманово не може да се нарече усешна кога имаме осуммина загинати професионални специјалци и уште 38 повредени, тоа се блиску 50 луѓе, па колку требаше да загинат, вели професорот, Богданчо Гогов од Факултетот за безбедност.

Како експерт за безбедносни прашања, професорот за А1ON ги објаснува случувањата во Куманово во саботата кога, според тврдењата на Министерството за внатрешни работи, припадници на полициската едница се судриле со група од околу 70-мина високооружани терористи.

Според професорот, од клучна важност е прашањето со какви информации располагала полицијата. Тој вели дека очигледно е оти разузнавачите не си ја завшриле својата работа поради што полицијата не знаела кого има спроти себе. Доколку претседателот, како што вели, знаел од почетокот на годината за оваа вооружена група, и доколку за тоа известил 17 пријателски земји, тогаш, вели професорот, тоа мора да го направил преку агенцијата за разузнавање, односно УБК. Гогов прашува што информации и дала УБК на полицијата за таа да влезе во Куманово и дали полицајците знаеле дека ги очекуваат снајпери, зољи и минофрлачи.

– Како поранешен припадник на полицијата, изразувам сочувство на семејствата на загинатите, а загубата на полициските службеници ја сметам за незамислива и трагична. Што се однесува до самата акција, од она што можев да го следам и како познавач на безбедносното полициско работење, на полициските тактики, постапувања, и средства со кој располага, добивам впечаток дека акцијата генерално е успешна од аспект на тоа што терористичката група, или каква и да била вооруж група, е совладана и дел од нив се лишени од слобода. Меѓутоа, бројот од осум загинати припадници на специјалната едница.. Се работи за врвни професионалци, за елитни луѓе, добро извежбани, имаат и знаење и вештини, соодветна опрема, што значи дека можат да се справат со секаква ситуација. Меѓутоа нивните знаења и вештини не можат да бидат аплицирани секаде и секогаш доколку тие што работат на државните безбедносни прашања, како службите за разузнавање на армијата и на УБК, доколку не ги соберат потребните информации. Овие субјекти требало да ги соберат тие информации. Мојот впечаток е дека полициските службеници кои дејствувале во Куманово немале точна информација. Недозволиво е млади специјалци да загинат од снајперски куршум – вели професорот.

Тој потсетува дека неколку дена однапред се знаело дека во Куманово има вооружена група на лица која претставува опасност. Целата јавност, посочува професорот, беше запознаена со таа информација.

– Ние имаме служба што ја плаќаме токму за тоа, да ги лоцира упориштата, куќите, да дознае која куќа има соработници и роднини. Значи таа информација треба да ја има. Полицијата требаше да има снајперско обезбедување, требаше да има воздушна поддршка од хелихоптери и други средства со кои располага МВР, да има и безбедносен коридор на настапување по герилското војување во рамки на Дива населба. Јас од тоа ништо не видов. Не може жртва од снајперски оган да биде полициски службеник кој настапува во уличките во Дива населба. Тоа покажува дека навлегувањето на полицијата и дејствување не било поддржано со соодветна информација. Полицијата и МВР може да ги обезбеди тие информации. Безбедносниот коридор за граѓаните на Куманово беше оформен 12 часа по почетокот на акцијата. Тоа е недозволиво. Среќен сум во оваа тргична ситуација што македонската полиција извлече дел од цивилното население, но мајки и деца бегаа без поддршка од полицијата – посочува Гогов.

Прва задача на полицијата, додава, е да го обезбеди животниот и телесен интегритет не само на граѓаните, туку и на полициските службеници, да има точна проценка што им се заканува на нивните животи, од каде е заканата и со какви средства.

– Би сакал да му ги чујам аргументите на оној што ја дал командата, зошто ја дал командата тогаш во тој момент, во утринските часови, на тој ден. Врз какви информации располагал и врз основа на што ја дал наредбата. Полициската работа не е иста со воената, во воената работа има проценка на загуби, но не и во полициската, тука нема проценка на загуби на човечки жувот, не смее да се смета на такво нешто. Од друга страна во воената работа имаш воен непријател, сила која треба да се уништи, таму имаш проценка на загуба – појаснува професорот.

Според него несфатливо е случувањата во Куманово да се толкуваат како спречување на обид за терористички напад затоа што овие „терористи“ се појавија одеднаш и без некаква политичка порака.

– Јас не чув политичка порака од нивна страна, наводно не биле задоволни од рамковниот договор, и што сега? Кое е политичкато барање? Во криминологијата како наука феноменот на тероризмот се проучува сериозно, тероризмот се поврзува со политички цели, тој тип на криминал се нарекува политички криминал. Ние не чувме од оваа група која се инфилтрирала во Гошинце некако барање, да беа терористи тие требаше да испорачаат политичко барање. Полицијата настапи крајно одговорно, храбро и пожртвувано без да знае кого има спроти себе. Но не може да биде успешна полициска акција во која имаме осум жртви во еден ден, и тоа обучени специјалци кои располагаат со професионални вештини. Загубата е осум полициски службеници и 38 повредени, бројката е 50 полициски службеници во еден ден, па за каква успешна акција зборуваме? Што требаше да се случи, колку наши припадници требаше да загинат? – прашува професорот.

Гогов прашува каде биле првите полицајци во МВР во текот на целиот ден додека траеа престрелките во Куманово. Министерката, Гордана Јанкулоска, излезе на прес конференцијата вечерта околу 22 часот, за да ја информира јавноста по прв пат дента за бројот на повредените и починати припадници на безбедносните едници.

– Каде беше првиот полицаец и вториот полицаец, каде беа? Јас не ги видов. Каде беше командатот на специјалните единици? Има ли некој од нив повреден ако биле заедно со тие што ги воделе. Не им посакувам ни влакно од глава да им фали, но каде беа? Граѓаните на Куманово прашуваат каде се тие што ги издаваат наредбите, зошто не се со нив. Од кабинет не се командува ваква ситуација, од кабинет се донесуваат политички одлуки. На терен треба да биде тој што е прв, втор и трет полицаец. Не може во исто време да си припадник на извршната власт, на администрацијата и во исто време да си политичка личност во Владата, не може ист човек и прв полицеаец да биде во управата и да биде политичка фигура – додава тој.

Според него потребно е да се разјаснат настаните во Куманово од саботата и тоа преку собраниска комисија која ќе има посебен мандат и која ќе биде составена од луѓе од браншата. Професорот додава дека по сличен пат беа утврдени случувањата со терористичкиот напад во Лондон во 2005 година. Целта на оваа комисија би била да увиди со какви податоци располагале безбедносните агенции изминативе години, дали го следеле движењето на криминално терористичките групи и нивните активности.

– Најмалку што треба да видиме е кој и со какви податоци располагал, ако располагал воопшто, и зошто тие податоци во саботата не биле во целост и комплетно дадени на полицијата и на тие што раководеле со акцијата – подвлекува Гогов.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Арсенал оружје пронајден кај вработен во МВР, обвинителството бара притвор

Катерина Ѓуровски

СДСМ најостро го осудува палењето на возилото на претседателот на ОО Кривогаштани

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Власта на Мицкоски и ДПМНЕ не прифати покачување на платата на полицајците за 20 отсто

Осумдневен притвор за 32-годишен скопјанец поради „тешка кражба на дрзок начин“

А1он

Притвор за полицаец поради продажба на кокаин

А1он

Oткази за 15 високи службеници во МВР

А1он