Проект за заштита на биолошката разновидност во Македонија

Од:

Зголемување на националната мрежа на заштитени подрачја, создавање услови за ефикасно менаџирање на биодиверзитетот и негово вклучување во процесот на просторно планирање, има за цел проектот „Постигнување заштита на биолошката разновидност преку создавање и ефикасно управување со заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во планирање и користење на просторот“.

Проектот е финансиски поддржан од Глобалниот еколошки фонд со 3,6 милиони долари во период од четири години, а го спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање и Програмата на ОН за животна средина.

Министерот за животна средина и просторно планирање Башким Амети, на денешниот иницијален состанок на проектот, рече дека ова е иновативен прв голем проект на национална иницијатива што го трасира патот на заштита на биолошката разновидност преку зголемување на мрежата на заштитени подрачја и интегрирање на биолошката разновидност во стратешките документи.

– Проектот ќе се реализира во три компоненти и предвидува проширување на мрежата на заштитени подрачја од 8 на 12 проценти на ниво на нашата држава. Ќе се изработи студија за валоризација на природните вредности, конкретно за Шар Планина, поради посебните хабитати и високиот степен на биолошка разновидност, како и фактот дека претставува прекугранично заштитено подрачје, рече Амети.

Посочи дека вклучувањето на Шар Планина во овој проект е од големо значење не само за Македонија, туку и за земјите од регионот Косово и Албанија.

– Голема национална придобивка од спроведувањето на овој проект е изработката на индекс на црвена листа за Македонија со што ќе се овозможи приоретизирање на загрозените видови. Предвидени се и активности за подигање на јавната свест, обуки и семинари и изработка на дигитални мапи, рече Амети.

Директорот на секторот за еко системи при УНЕП Ерсин Есен, рече дека Македонија претставува многу важна географска точка поради големиот број езера, шуми, планини и биолошката разновидност.

– Проект е еден од главните обиди за намалување на штетите од земјоделието и урбанизацијата и воведување на одржлива пракса во заштитените области. Македонија има големо искуство во раководење со заштитени области, уште од 1948 година со националниот парк „Пелистер“, и затоа сме тука и сакаме да ги внесеме нашите искуства во овој проект, рече Есен.

Посочи дека со предизвиците од животната средина и биолошката разновидност се соочуваат 2,4 милијарди луѓе во светот.

Проект координаторот Соња Геберт рече дека, проектот има вкупен буџет од 25 милиони долари и има за цел да ја зголеми мрежата на заштитени подрачја за 1,5 проценти од целата територија на Македонија, да идентификува шуми со висок степен на биолошката разновидност и да создаде насоки за нивна заштита, како и мапирање на делови со деградирано земјиште и насоки за ревизија на планот за управување со шуми.

– Проектот ќе вклучи голем број експерти и приватни компании и граѓански здруженија. Тој ќе придонесе за подобро управување со животната средина во земјата и ќе овозможи спроведување на голем број национални закони, политики и стратешки документи, како Глобалниот стратешки план за биолошката разновидност и УНЦЦД Националниот акциски план, рече Геберт.

Би можело да ве интересира

АУЕ-ФОН со еко-акција „МЛАДИТЕ ЗА ПРИРОДАТА“, за подигнување на свеста за заштита на животната средина

А1он

САД продолжуваат со работата за еколошки и дипломатски решенија за поздрава планета

А1он

Бугарија и Албанија почнаа примена на договорот за еколошка соработка

А1он

Еколошки активисти блокираа четири моста во Лондон

А1он

Зегин со свој придонес во големата еко акција „Скопска Црна Гора ја поздравува пролетта”

Ана Ололовска

Анализа на Грин тенк: На Западен Балкан му е потребен Фонд за фер транзиција кон зелена енергија

А1он