Проект за развој на фестивалски туризам

Од:

Пехчево и Брезница од соседна Бугарија со проект финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка заедно ќе работат на развој на фестивалскиот туризам.

Тоа е предвидено со денеска презентираниот проект во Пехчево „Платформа за меѓуграничен фестивалски туризам на полето на културата и традициите“. Изработено е уникатно лого на кое се исцртани планините Пирин и Влаина и сонцето кое ја осветлува фестивалската сцена со порака „Види ја културата, вкуси ја традицијата и слушни ги фестивалите“.

Никола Каракашов, координатор на проектот во општина Пехчево, истакна дека овој проект двете општини ќе го работат наредниве две години.

– Една од целите на проектот е да разменуваме искуства, како и да се подобри постоечката рурална туристичка понуда за одржлив развој на прекуграничниот регион, преку соработка во областа на фестивалскиот туризам. Во таа смисла, Пехчево веќе има еден востановен фестивал, тоа е Фестивалот на дувачки оркестри кој е единствен ваков фестивал во земјава, но во подготовка сме на уште еден којштп исклучиво ќе биде наменет за фолклорот и традицијата, рече Каракашов.

Теодорина Тодорова, координатор на проектот од Брезница потенцираше дека искуството на Пехчево за организирање фестивали ќе биде искористено за да може и Брезница да започне нова традиција и да организира фестивал таму.

– Благодарение на општина Пехчево што се согласија заедно да го направиме овој проект, кој е втор по големина на ИПА програмата и да ги финансираме фестивалите од двете страни. Општина Брезница нема такво искуство како Пехчево во организирање фестивали и затоа ќе ги користиме таквите искуства за да организираме нов фестивал во Бугарија, за да ги покажиме традициите, обичаите, природното и кутурното наследство во овој дел од Бугарија, рече Тодорова.

Пехчевскиот градоначалник Игор Поповски смета дека преку овој проект ќе се подобрат туристичките потенцијали на регионот за зачувување и одржливо користење на природните и културните богатства. Пехчево, најави, ќе ја изработи и стратегијата за развој на туризмот.

– Проектот е интересен за нас како општина, бидејќи туризмот кај нас е во подем и е наша стратешка цел за економски развој. Во самиот проект имаме инфраструктурни градби и очекуваме да се развие туризмот, бидејќи ќе ги потенцираме и нашите туристички потенцијали, а ќе добиеме и стратегија за развој на туризмот, рече Поповски.

Во рамки на проектот, освен фестивалите, Пехчево ќе добие и туристичко-информативно биро и летна сцена каде ќе се одржуваат културните настани. Проектот е финансиран преку ИПА програмата за прекугранична соработка и е вреден 457 илјади евра, а по 15 проценти учество имаат и владите на двете држави.

Би можело да ве интересира

Радев најави предвремени парламентарни избори во Бугарија

Колона возила кај граничниот премин Делчево поради електронска проверка на патници без ЕУ пасоши

Бугарија: Акцискиот план за заедниците во Македонија не треба да биде спор поради јазикот на документот

Од денеска во Бугарија се плаќа во евра

Муцунски: Сакаме да постигнеме достоинствено и соодветно решение со нашиот сосед Бугарија

Горан Наумовски

ВИДЕО: Се степаа пратениците во бугарскиот парламент