Музејот на Град Скопје денеска го почнаа проектот „АртЛинк 2016“, кој треба да овозможи вмрежување на претставниците на креативните уметности во Македонија.
– Ова е голем чекор за нас како институција, за Скопје како главен град на нашата држава и за сите креативци во Македонија. Со заеднички напор ќе се обидеме да направиме форум каде младите креативци, нивните професори и креативците вклучени во поширокиот креатиен процес во Република Македонија ќе прават заеднички проекти, но ќе имаат и средиште околу кое ќе дебатираат и професионално ќе растат, изјави директорот на Музејот на Град Скопје Љубен Тевдовски.
Тој додаде дека со Архитектонскиот факултет во Скопје следните шест месеци организират презентација на македонската архитектура.
– Идејата беше да го ставиме целото културно наследство, што Музејот на Град Скопје го поседува, на младите студенти од универзитетите. За тие да можат преку подетално изучување на она што е наше богтаство да креираат нови вредности, истакна Јасминка Намичева од Музејот на Град Скопје.
Проектот е долгогодишен и ќе се одвива во неколку фази. Оваа година во фокусот е изработка на плакат и ќе биде објавен конкурс кој ќе промовира изработка на плакати за Македонија како културна и туристичка дестинација.
Во рамки на проектот, Музејот на Град Скопје потпиша Меморандум за соработка со Факултетот за ликовни уметности и Архитектонскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“, Факултетот за уметности на Државниот универзитет во Тетово, Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Факултетот за графички дизајн на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, Факултетот за архитектура и дизајн на Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје, Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет, Факултетот за мултимедија и дизајн на ФОН Универзитетот од Скопје, Факултетот за архитектура на МИТ Универзитетот и Универзитетот за аудиовизуелни уметности во Скопје.