Општините Пеонија и Гевгелија ќе ја продолжат успешната соработка во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка на Грција и Македонија.
Делегација на општина Гевгелија, предводена од раководителот на секторот за урбанизам, Панче Киров, во грчкиот град Поликастро учествуваше на конференција по повод завршната реализација на проектот „Аква М“.
Во рамки на проектот грчките партнери набавија лабораторија за мерење на квалитетот на водата за пиење која е инсталирана во комуналното претпријатие во Поликастро, а во општина Гевгелија беше изграден дел од одводниот канал „Рауљ“ и беше изработена студија за зафаќање на атмосферска вода.
Киров ја нагласи подготвеноста на општина Гевгелија за продолжување на натамошната погранична соработка со Пеонија.
Градоначалникот на Пеонија, Христос Гунденудис истакна дека најдобра потврда дека двете општини ќе ја продолжат успешната заедничка соработка во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка на Грција и Македонија, претставува успешно реализираниот проект „Аква М“, како и тоа дека заедничката апликација за проектот „Аква М-2“ веќе ја поминала втората фаза.
– Бенефитите од овие проекти ќе ги почувствуваат граѓаните, а уште позначајно е што на овој начин како погранични општини даваме голем придонес за заштита на реката Вардар, додаде Гунденудис