Собранието на Република Македонија денеска треба да ја продолжи 40. седница, каде е најавено продолжување на дебатата за предлог-законот за бранители во Комисијата за труд и социјална политика.
Пратениците од ДУИ вчера не го поддржаа дневниот ред на 40-тата седница, не гласаа за ниту една точка од него, бидејќи сметатат дека законот за бранители е е против уставен, против Рамковниот договор и спротивен на принципите на нивната партија.
Вчера, од ДУИ на двапати побараа одложување на расправата, затоа што пратеникот Талат Џафери, кој иако во два дена зборуваше вкупно девет часа, најави дека има уште многу што да каже, а во намерата да го продолжи својот говор го спречувале работните обврски – пладневната координација кај собранискиот спикер Вељановски и крводарителска акција во американската амбасада.
Од ДУИ најавуваат дека ќе гласа против сите предлози во Собранието, независно од каде доаѓаат. Се додека законот за бранители, предложен од нивниот коалициски партнер не се повлече – или, ако во него не се вградат права и за припадниците на ОНА.
Колатерална штета на нивниот став да не гласаат вчера беше Невенка Крушаровска која има полни 62 години, и ги исполнува условите да оди во пензија и побара според законот, да биде разрешена од функцијата заменик народен правобранител.
Но таа не го исполни Бадентеровиот принцип, и собранието и кажа дека не може да оди во пензија.