Проблемот со недостиг на лекари во кумановската болница ќе се решава по избори

Од:

Кумановската болница се соочува со недостиг на лекари специјалисти, речиси во сите одделенија, соопшти денеска директорката на болницата Снежана Захариева, по промоцијата на проектот „Добредојде бебе“ на гинеколошко-акушерското одделение во болницата.

Заменик министерот за здравство Гоце Чакаровски одговарајќи на новинарски прашања, денеска во Куманово изјави дека по локалните избори, овој проблем ќе се надмине со распишување конкурс и вработување на невработени лекари.

– Работиме во Министерството за здравство и на тој проблем, кадарот не е проблем само во Куманово, кадарот е проблем во цела Македонија. Со исклучок на Скопје сите други градови се соочуваат со недостиг на лекари, медицински сестри и останат помошен здравствен персонал. Мислам дека има околу 400 невработени лекари во Македонија и дека сите ќе си најдат свое место, меѓутоа треба да знаете дека специјалисти многу тешко се прават, дополнителна едукација треба четири пет години, а дојдовме до состојба кога многу млади лекари заминаа во странство. Тој тренд на заминување на младите лекари треба да го спречиме, со тоа што првин ќе ги вработиме, а потоа ќе им дадеме специјализации и ќе ги мотивираме да останат во Македонија да не заминуваат во странство, изјави Чакаровски.

Прашан дали ќе се надмине проблемот со постојано испраќање на пациенти од кумановската болница во здравствените установи во Скопје, заменик министерот истакна дека во Министерството работат на надминување на овој проблем и се подготвува програма со која влезот на пациентите во здрасвтвениот систем ќе биде поинаков.

– Не ќе можат пациентите да ги прескокнуваат болниците и директно да одат во Скопје, додава заменик министерот за здравство.

Директорката на болницата Захариева, информираше дека во кумановската болница има 75 лекари специјалисти, но за да функционира болницата потребни се дополнителни 50-тина, бидејќи, како што објасни, добар дел од специјалистите се пред пензионирање. Таа информираше дека се потребни и општи лекари за дежурства во ургентната амбуланта, како и останат стручен медицински персонал, медицински сестри, техничари, болничари.

– Имаме 660 вработени во кумановската болница, но сепак има недостиг од медицински персонал. Има невработени лекари кои се интересирале за вработување, но ова е предизборен период. Се надевам дека ќе дојдат во поголем број и ќе изразат желба да работат во нашата болница, а се надевам дека и Министерството за здравство ќе ни излезе во пресрет со распишување на ургентно потребните специјализации, изјави Захариева.

Според неа, потребни се анестезиолози, инфектолози, лекари во рентген дијагностика. Во кумановската болница има само еден специјалист по физикална медицина. Директорката нагласи дека се добро екипирани на интерното одделение и на хирургија, а дека се потребни специјалисти и на гинекологија, со оглед на фактот што во кумановската болница има 1.400 раѓања годишно, во лабараторија.

– Колку подобро сме екипирани толку е подобар и квалитетот на здравствената услуга. Со една добра стимулација ќе успееме да задржиме професионален кадар во болницата, изјави Захариева.

Би можело да ве интересира

Времено отстранети двајца доктори од Детска клиника, за кои се води дисциплинска постапка за смртта на 14-месечното бебе

Предраг Петровиќ

Укината забраната: лекарите од приватното ќе може да се вратат во јавното здравство

Катерина Ѓуровски

Зголемување над 60 проценти на болни од Ковид-19, регистрирани 271 случај минатата недела

Предраг Петровиќ

Демири го разреши директорот Шокаровски поради висока смртност на Кардиохирургија

Анита Петровска Рајковиќ

Вработените во здравството ќе протестираат на 8 април, нема да добијат усогласување со минималната плата

Протест на лекарите специјализанти, во тек состанок со претставници на Министерството за здравство